• петок, 22 ноември 2024

Конференција „Цивилизација на љубовта и Носталгија за соединување” в среда во Охрид

Конференција „Цивилизација на љубовта и Носталгија за соединување” в среда во Охрид
Скопје, 14 јануари 2022 (МИА) - „Цивилизација на љубовта и Носталгија за соединување” е интернационалната конференција што онлајн ќе се одржи во среда во Охрид во пресрет на верскиот христијански православен празник Водици - Богојављение, во организација на Светската академија на хуманизмот. Истовремено, ќе се одржи и церемонијата на прогласување на професор Далимир Хајко од Словачка за добитник на Светската награда за хуманизам за 2022 година. Како што информираат организаторите, собирот ќе почне со музички перформанс „Химна на Свети Климент Охридски“, во изведба на профeсорите од Меѓународниот универзитет Европа Прима, Љупчо Коскаров и Дарко Мариновски. Темата на конференцијата произлегува од примарната мисија на Охридската академија на хуманизмот, да ја продолжи визијата на Свети Климент и Свети Наум, основачи на првиот универзитет во овој дел на Европа, кој во исто време беше и првата школа на хуманизмот, основана во 9. век. На почетокот на конференцијата најавено е обраќање на амбасадорот Јордан Плевнеш и словачкиот амбасадор во земјава, Хенрик Маркус, а традиционалната награда – статуетка на Св. Климент во резба, ќе ја врачи градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков. Говор за наградата на Светската академија на хуманизмот ќе одржи професор Далимир Хајко. Тој испрати Послание во кое, меѓу другото, пишува дека хуманизмот е парадокс во самата своја суштина. - Во име на хуманизмот, насилно се менуваат цивилизациските предлошки на земјите; во име на хуманизмот, се напаѓаат религиите – бидејќи не им одговараат на идеите на напаѓачот. Но, истовремено, тој го враќа човекот кон себеси. Тој е апстрактна филозофска проекција, тој е антрополошка константна. Хуманизмот е толку едноставен колку што е и мистериозен. Нема ништо поедноставно од „љубовта кон човештвото“ и ништо посложено од љубовта кон одреден човек – дел од ова човештво – често изгубена, предадена и напуштена од сите, пишува во посланието. Меѓу годинашните учесници се и Жан-Патрик Конерад, професор по физика на Империал колеџот во Лондон, кој е и претседател на Европската академија на науките, уметностите и книжевноста (ЕАСАЛ) и добитник на Светската награда за хуманизам во 2018 година. Најавено е учество и на академик Љупчо Коцарев, претседател на МАНУ, Романо Проди, поранешен претседател на Европската комисија и премиер на Италија, добитник на Светската награда за хуманизам за 2019 година, Рикардо Брици, професор на Универзитетот во Болоња, Мартина Павликова, проректор на Универзитетот Константин Филозоф во Нитра, Словачка, проф. Роман Кралик од Универзитет за пријателство со народите во Русија (RUDN) од Москва, Теруко Јамазаки, поет и новинар од Токио... Манифестацијата досега се одржуваше во Куќата на Уранија (МАНУ) во Охрид, но годинава поради ковид-пандемијата и заштитните протоколи, ќе се одржи онлајн, со над 30 учесници. Наградата на Светската академија на хуманизмот се доделува по 16-ти пат, колку што трае манифестацијата. Лани, на 15-годишнината, беше одлучено, а годинава ќе биде промовирано Спомен обележјето, кое, на летен Св.Климент, ќе биде поставено кај месноста Долна Порта - влезот во старото градско јадро. Идејата и нацртот се на еден од досегашните добитници на Светската награда на хуманизмот, Светлин Русев од Бугарија, додека делото, изработено од прилепски мермер, е уметнички обликувано од Жарко Башевски. бт/бак/

Остани поврзан