• понеделник, 23 декември 2024

Конференција „Успешни жени за успешен регион“ во организација на WOBA

Конференција „Успешни жени за успешен регион“ во организација на WOBA

Скопје, 22 март 2024 (МИА) - „Успешни жени за успешен регион“ е насловена конференцијата што денеска ќе ја организира Women on Boards Adria - WOBA (Жени во органи на управување Јадран) - регионална непрофитна иницијатива, основана со цел да се зголеми родовата разновидност во извршните и неизвршните органи на управување.

На настанот ќе учествуваат лидери од бизнис-секторот и од владата за да иницираат дискусија за тоа како да се обезбеди поголема поддршка кон остварување на заедничка цел - зајакнување на женската застапеност во органите на управување на компаниите во регионот. Оваа активност е усогласена со барањата и нормите на Европската Унија, како што е наведено во ЕУ Директивата „Жени во органи
на управување“.

На конференцијата се најавени обраќања на Билјана Брејтвејт, претседателка на Women on Boards Adria, Елизабета Ѓеоргиевска, сопруга на претседателот на државата Стево Пендаровски, амбасадорката на САД Анџела Агелер, Бен Нупнау, заменик-шеф на делегацијата на Европската Унија во земјава, Фатих Туркменоглу, шеф за Северна Македонија во Европската банка за обнова и развој, вицепремиерите за економски прашања  и за политики на добро владеење, Фатмир Битиќи и Славица Грковска, гувернерката на Народната банка на Република Северна Македонија Анита Ангеловска-Бежоска.

WOBA соопшти дека функционира како обединувачка и репрезентативна (т.н. чадор) асоцијација за унапредување на родовата рамноправност во процесите на одлучување и раководење.

-Ние соработуваме со компании од бизнис-секторите, со влади и меѓународни институции за да промовираме поголема родова разновидност на ниво на органи на управување и највисоки раководства на компаниите од јавен интерес во Јадранскиот регион (регионот на Западниот Балкан), наведува организаторот на конференцијата. хс/вг/

Фото:  WOBA

 

Остани поврзан