• недела, 22 декември 2024

Конференција: Преку формално вработување и препознавање на економскиот потенцијал на Ромките, до значаен економски раст и развој на државата

Конференција: Преку формално вработување и препознавање на економскиот потенцијал на Ромките, до значаен економски раст и развој на државата

Скопје,  17 септември 2024 (МИА) - Потребни се системски решенија, воведување долгорочни мерки, активна работа и поддршка на терен со цел зголемување на бројот на вработени Ромки, со оглед на тоа што стапката на формална вработеност кај нив изнесува само 17 отсто во земјава, односно тројно помалку се застапени на пазарот на труд. Со поголем опфат на формално вработување, повеќе Ромки ќе имаат можност за личен и професионален развој и економска независност. Ова беа дел од заклучоците на националната конференција  „Вработена Ромка=Независна Ромка“, во организација на ХЕРА - Асоцијација за здравствена едукација, во рамки на проектот „Вработена Ромка = Независна Ромка“, финансиски поддржан од шведската фондација „Kvinna till Kvinna“.

На конференцијата, како што соопшти организатарот, се обратија Мабера Камбери, раководителка на Сектор за координација и техничка поддршка на министерот за  социјална политика, демографија и млади, Елизабета Божиноска - програмска директорка на ХЕРА и Весна Пешова, в.д. заменик-директор во Агенцијата за вработување.

- За почитувањето на човековите права на Ромите, нивното достоинство, потребата за нивно унапредување, почитување и практикување, најголема е одговорноста на оние кои носат одлуки, кои го создаваат јавното мислење, но и на невладиниот сектор како партнер во нивното практикување. Денешната Национална конференција „Вработена Ромка = Независна Ромка“ посветена на жената Ромка, е извонредна можност сите заедно, како институции, меѓународни соработници и партнери, како и невладини организации, да дискутираме за ова многу значајно прашање. Верувам дека ќе успееме искрено да одговориме на многу прашања, но и заеднички да го одредиме правецот на унапредување на статусот на жената Ромка насекаде, изјавила Камбери.

Пешова информирала дека една од целните групи кон која се насочени активностите на Агенцијата за вработување за зајакнување на капацитетите на невработените лица и нивно вработување се невработените Роми, кои учествуваат со 10 отсто во вкупниот број на евидентирани невработени лица.

- Со Оперативниот план за 2024 година се утврдени програми, мерки и услуги за вработување кои создаваат нови работни места и зголемување на вработливоста на невработените лица, особено на ранливите категории невработени лица, истакнала Пешова, додавајќи дека сите работодавачи и невработени лица имаат пристап до програмите, мерките и услугите за вработување, при што се настојува опфатот на Ромите да биде најмалку пет отсто од вкупниот број на учесници.

Според програмската директорка  на ХЕРА Божиноска, постои долгогодишен и штетен стереотип дека Ромите, вклучително и жените, не се подготвени да работат.

- Оваа перцепција не само што ја обезличува заедницата, туку и ги игнорира вистинските бариери со кои се соочуваат Ромките, како што се дискриминација, недостаток од пристап до образование и исклучување од формалните мрежи за вработување. Сепак, доказите го сугерираат спротивното: Ромките, како и многу други, сакаат да работат и да придонесуваат за своите семејства и општество. Вработувањето им е главен приоритет. Токму затоа, потребно е да работиме заедно, за да обезбедиме дека Ромките ќе бидат препознаени како економски потенцијал, што навистина се, и ќе им се даде шанса целосно да придонесат за иднината на Република Северна Македонија, нагласила Божиноска.

Учесниците на конференцијата дискутирале за пристапот на Ромките до пазарот на труд во земјава, пречките со кои се соочуваат и чекорите кои е потребно да се преземат за нивно поголемо учество со што ќе се овозможи и поголема економска независност на Ромките во опопштество. Покрај постигнатите успеси, се презентирала и работата на лицата кои биле контакт-точки на терен во четири града во земјата и придружувале невработени Ромки до Агенцијата за вработување со цел помош и поддршка  во процесот на пријавување како активни барателки на работа, приклучување кон мерките за вработување кои ги нуди оваа агенција и надминување на предизвиците со кои се соочуваат Ромките во делот на вработувањето. Презентирани биле и препораки за системски решенија, како и предизвиците при користењето на мерките од НОП за вработување и креирање на препораки за унапредување на истиот за 2025 година. мд/нд/

Фото: ХЕРА 

 

Остани поврзан