• четврток, 14 ноември 2024

Конференција за Меѓупарламентарен дијалог: Земјите од Западен Балкан храбро и недвосмислено да чекорат по европскиот пат

Конференција за Меѓупарламентарен дијалог: Земјите од Западен Балкан храбро и недвосмислено да чекорат по европскиот пат

Скопје, 20 октомври 2023 (МИА) - Земјите од Западен Балкан храбро и недвосмислено да чекорат по европскиот пат. Заеднички решително да се обврземе дека ќе останеме силно посветени на нашите напори во поддршка на европската интеграција на Западен Балкан, да дадеме политичко ветување дека регионот ќе го продолжи своето патување само кон една насока – кон Европската унија. Ова се дел од заклучоците произлезени од панелот на денешната Конференција за Меѓупарламентарен дијалог за понатамошно унапредување на европската интеграција на Западен Балкан. 

Дарко Каевски, претседател на Делегацијата на Собранието на Република Северна Македонија во ПССЕ истакна дека како парламентарци, дипломати и клучни политички чинители ја носат историската одговорност да ја обноват европската визија на Западен Балкан и да продолжат храбро и недвосмислено да чекориме по европскиот пат.

-Мораме неуморно да работиме за да ја зајакнеме отпорноста на нашето демократско општество, да продолжиме да го поддржуваме владеењето на правото и почитување на човековите права, уште посилно да ги промовираме процесите на помирување, да ги негуваме добрососедските односи и да создаваме уште подобри услови за економски и социјален напредок на регионот. Заеднички решително да се обврземе дека ќе останеме силно посветени на нашите напори во поддршка на европската интеграција на Западен Балкан, да дадеме политичко ветување дека регионот ќе го продолжи своето патување само кон една насока – кон Европската унија, рече Каевски.

Тој потенцира дека заедно ќе ги надминеме предизвиците и ќе ги искористиме можностите пред нас за подобра иднина за сите граѓани, за подобра иднина на сите млади и на сите идни генерации.

Јоргос Папандреу, известител на ПССЕ, Поддршка на европската перспектива за Западен Балкан нагласи дека ако не се смениме, имаме ризик од непроширување, што, како што рече, ќе значи дека сите геополитички игри ќе влијаат уште повеќе на нас.

-Во оваа област, секогаш сме барале заштитници од нашите соседи или бидејќи сме мала етничка група или малцинство, но Европската унија вели ние немаме потреба од заштитници, нашите правила ќе не заштитат. Ако тоа го немаме, ризикот е да се случуваат овие прокси-војни, војни поради барање заштита и тоа е една од главните поенти. Но, тука има едно ново движење, една нова движечка сила и сакав да кажам нешто повеќе за оваа нова движечка сила. Прво, слушам многу за тоа дали Европската унија има донесено стратешка одлука за тоа дека Западен Балкан е дел од ЕУ или не? И во 2023 година потребна ни е таквата стратешка одлука. Дали има горе-долу движење? Секако дека има движење, во сите општества, во сите земји и во ЕУ. Но, има и назадување и во регионот и во ЕУ, рече тој.

Папандреу соопшти дека во Европската унија се води дискусија за процесот на вето во проширувањето.

-Можеби не треба да се дозволи вето за секој мал детаљ, дека треба само во одредени фази од процесот да се дозволува, посочи тој. 

Моето искуство кажува, рече Папандреу, дека ако постои движечка сила, треба да се искористи.

-А сега постои движечка сила. Ајде да прекинеме само да се жалиме, да кажеме како да ја искористиме оваа движечка сила за навистина да го искористиме моментот кој што сега ни претстои. Второ, оваа е една значајна идеја - интеграцијата во фази. Значи, земјите од Западен Балкан пред да станат полноправни членки на ЕУ, односно вие можете да учествувате во некои значајни области од ЕУ и тоа ќе биде многу значајно. Секако, тие ќе бидат поврзани со напредокот на реформите, но тие се значајни работи. Значи, не е како одредено време во иднината ќе станеме членка и дотогаш ништо нема да има. Не, нема да биде така. Ова ќе биде нешто што ќе почне да се чувствува веднаш како да сме дел од оваа заедничко семејство додека работиме на нашите реформи, рече тој.

Папандреу нагласи дека е потребно да се вклучи граѓанското општество во овој процес, не само за информации, туку и за дебатирање и консултација.

-Граѓанското општество треба да биде дел од процесот, бидејќи не секогаш владите се задоволни со тоа што го предлага Европската унија. Но, голем дел од општеството сака да биде дел од оваа семејство или дел од Советот на Европа и да се внесат тие во консултациите за тоа на кај се движат нештата, што не оди добро, што треба да се направи и мислам дека ќе биде значајно, посочи тој. 

Потенцира дека земјите од Западен Балкан мораат да се борат против клиентелизмот, корупција и заедно да изнајдат решенија.

Според Папандреу, промените не се лесни ососбено поради тоа што младите заминуваат од земјите на Западен Балкан и потенцира дека тие вообичаено ги водат промените во земјите.фф/дма/

Фото: Принтскрин од видео

Остани поврзан