• недела, 22 декември 2024

Конференција за европската рута на св. Кирил и Методиј во културното наследство на Скопје и Скопско

Конференција за европската рута на св. Кирил и Методиј во културното наследство на Скопје и Скопско

Скопје, 8 октомври 2024 (МИА) – Во рамки на програмата „Европската културна рута на Светите Кирил и Методиј“ која е под покровителство на Советот на Европа, во Скопје се одржува конференција „Европската рута на Светите Кирил и Методиј во културното наследство на Скопје и Скопско“ организирана од Институтот за македонска литература при УКИМ.

Програмата на Советот на Европа презентира историски монументи, артефакти, ракописно наследство поврзани со рутата на движење и дејствување на светите Кирил и Методиј во нивната просветителска мисија на поширокото европско подрачје и нуди   атрактивен модел за менаџмент на културата и туризмот. 

Институтот за македонска литература-Скопје и Институт за старословенска култура во Прилеп се членки на проектот „Европската културна рута на Кирил и Методиј“, сертифициран со лиценца од СЕ, официјално од 1 декември 2023.

Конференцијата ја отвори  Наташа Аврамовска, директорка на Институтот за македонска литература при УКИМ која ги поздрави учесниците на конференцијата меѓу кои има и од Чешка, Словачка, Бугарија.

Со проектот „Европската рута на Светите Кирил и Методиј во културното наследство на Скопје и Скопско“, како што рече, ќе се постигне афирмација на културно-историското наследство евидентирано во Скопско што ќе стане мапиран дел од европската културна рута.

На отворањето на конференцијата, заменик-министерката за европски прашања Викторија Трајков истакна дека културните рути се стожери во мисијата на Советот на Европа кои функционираат во насока на откривање и афирмирање на разновидното културно наследство во Европа како заедничка вредност со цел да ги поврзат луѓето и различните локации преку модалитетите на споделено културно наследство.

-Ние како Министерство за европски прашања културните рути ги согледуваме како сегмент од поширока мрежа која овозможува сплотување меѓу глобалните, националните, регионалните и локалните, но и меѓународните  институции со широк спектар на дејствување и економски оператори. Учеството на нашата земја во рамките на „Европската културна рута на Кирил и Методиј“, несомнено ќе придонесе за значајна туристичка, културна и научна промоција на кирилометодиевското наследство кое низ богатството на форми е изразено на македонска почва, рече Трајков.

Кирилометодиевското културно наследство има долга традиција на македонска територија проследувано на дијахрониски и синхрониски план, евидентирано и во материјалната и нематеријалната култура и од овој проект се очекува да придонесе за негова научна, културна и туристичка промоција. Со него ќе се открие култот кон Кирил и Методиј што со векови постои на територијата на Скопско.  

Со проектот се планира промовирање на спомениците посветени на светите браќа, како што се Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“, големиот број споменици во центарот на Скопје,  претставите на светителите во фрескоживописот на скопските манастири и цркви, како што е манастирот во Матка од 14 век,  како и Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје.

Во рамки на конференцијата е отворена и изложба на фотографии и мапа на рутите на просветителите во 9 век. хс/аа/

Фото: МИА

 

Остани поврзан