• среда, 25 декември 2024

Компанијата „Пејпар мил“ од Кочани од денеска повторно почнува со работа

Компанијата „Пејпар мил“ од Кочани од денеска повторно почнува со работа
Кочани, 26 јули 2022 (МИА) – По прекинот во работењето и подобрувањето во системот за испуштање издувни гасови од фабричкиот оџак, од денеска компанијата за рециклирање хартија „Пејпар мил“ од Кочани повторно почна со производниот процес. Производството беше запрено пред околу еден месец, со одлука на раководството на фабриката, откако Државниот инспекторат за животна средина издаде решение таа да работи единствено на котел на природен гас, сè до моментот на решавање на проблемот поради кој се јавило надминување на пропишаните гранични вредности. - Согласно последните мерења на акредитираната лабораторија, емисиите во воздух на речиси сите параметри беа во рамки на А-интегрираната дозвола, а отстапки беа евидентирани единствено во емисијата на јаглероден моноксид. Во текот на едномесечниот прекин на работењето, „Пејпар мил“ интензивно работеше на финализирање на унапредувањето на производствените процеси во насока на обезбедување на поголема енергетска ефикасност, а со тоа и дополнително намалување на емисиите. За намалување на нивото на јаглероден моноксид и негово доведување во граничните вредности, како и подобрување на перформансите на ложиштето на котелот за подобро согорување на горивото, инвестирано е во дополнителни вентилатори и каналски систем со дифузери потпомогнати од фреквентни регулатори. Направено е и детално чистење на котелот на биомаса, а поставени се мерни и регулациони инструменти со кои се врши автоматска регулација и континуирано следење со нивото на емисии, стои во известувањето од компанијата „Пејпар мил“. Од кочанската фабрика за хартија нагласуваат дека дополнително е подобрен и системот за одземање цврсти честички од издувните гасови, односно унапредени се перформансите на таканаречениот вреќест филтер. Подобрен е и технолошкиот процес што директно влијае на потрошувачката на пареа, односно инсталиран е нов вакуум систем и систем за фино прочистување на масата. Во изминатиот едномесечен период, додека траеше прекинот во работењето, „Пејпар мил“ ги задржа сите 109 вработени со исплата на целосна плата, а од денеска целиот колектив повторно се враќа на работа. По финалните прилагодувања во текот на работниот процес, кон крајот на август акредитирана лабораторија ќе изврши контролни мерења на испуштањето издувни гасови од фабричкиот оџак. та/цр

Остани поврзан