• понеделник, 23 декември 2024

Компанијата „Киeл“ ќе гради фабрика и во Технолошко-индустриската развојна зона (ТИРЗ) Тетово

Компанијата „Киeл“ ќе гради фабрика и во Технолошко-индустриската развојна зона (ТИРЗ) Тетово

Тетово, 23 ноември 2022 (МИА) - Претставници на германската компанија „Киeл“ заедно со директорот на Дирекција за Технолошки индустриски развојни зони на Македонија (ДТИРЗ) денеска потпишаа договор чија цел е да почне да се гради нов дополнителен производствен капацитет на нивната фирма во тетовската технолошко-индустриска развојна зона. Потпишувањето се изврши во веќе постоечкиот објект на компанијата во близина на зоната и селото Желино од страна на Јурген Мил, директор на „Киeл Интернационал“ и Кристијан Шанд генерален менаџер на „Киeл“ за Македонија, како и Јован Деспотовски, директорот на ДТИРЗ.

-Горди сме со оваа дополнителна инвестиција во Северна Македонија. Ќе го зголемиме производството и број на операции. Нашата инвестиција изнесува околу девет милиони евра, а ќе се вработат 150 дополните работници во наредните неколку години. Тоа ќе биде вкупно 300 работници за „Киeл“ во Македонија, изјави Шанд.

Мил нагласи дека оваа инвестиција ја истакнува важноста на Северна Македонија како локација за нивните планови во иднина. -Кога почнавме пред пет години не бевме сигурни како ќе се развива иднината. Но денеска горди сме на тоа што најдовме високо мотивирани колеги тука со кои успеавме да воспоставиме ефикасно производство за седишта за патници, изјави Мил. 

„Киел“ е прва компанија која го проширува производство во една од технолошко-индустриско  развојните зони, за што директорот Деспотовски рече дека се прави под многу јасни и прецизни критериуми.

-Компанијата „Киел“ воведува нова линија на производство во рамки на зоните, а се обврза да ги задржи сите овие луѓе и дополнително да ангажира 150 наши сограѓани од овој регион. Компанијата „Киел“ се обврза да продолжи понатаму да ги плаќа сите обврски кон буџетот на државата и компанијата „Киел“ нема да користи ниту царински, ниту даночни бенефиции во рамки на зоните. Тоа значи дека компанијата „Киел“ се определи да ги користи услугите на државата односно Дирекцијата поврзани со земјиштето, инфраструктурата и полесен пристап до услугите од општинските и централните власти, што е многу значаен исчекор. Ова е важна порака за сите домашни компании, затоа што овој модел којшто денеска го воведуваме, а го воведуваме со една респектабилна германска компанија, која што има доверба во него, ги поканувам домашните компании серозно да размислат и да почнат да го користат, посочи Јован Деспотовски, директор на ДТИРЗ.

Министерот за економија Крешник Бектеши истакна дека институциите работат на дополнителни политики и решенија се со цел да донесе уште еден закон кој ќе им овозможи на компаниите за инвестирање.

-Тоа е Законот за индустриските зони, закон кој и зоните кои моментално се во надлежност на општините ќе може да се преземат од страна на Дирекцијата за ТИРЗ, рече Бектеши.

Премиерот Димитар Ковачевски порача дека странските инвестиции во Северна Македонија растат, го зголемуваат производството, извозот и вработените.

-Големо е задоволството кога во услови на најголема економска енергетска криза Северна Македонија е дестинација за нови инвестиции на водечки производители како меѓународната Киел групација, која работи глобално со производствени погони во САД, Германија, Полска, Холандија и во Турција, а присутна е и на азиските пазари. Високо технолошки компании инвестираат во земјата и носат нова додадена вредност на нашата економија. Ова за нас како Влада е уште една потврда дека нудиме стабилен деловен амбиент и пред се предвидлив за компаниите да може даги реализираат своите долгогодишни планови, рече Ковачевски.

Германската амбасадорка во земјава Анке Холштајн пред присутните говореше за важноста на новите инвестиции. -Доверливата клима на соработка со македонската Влада е важен признак за квалитет за локацијата Северна Македонија. Заедно ќе продолжиме да ја негуваме – за успешно да работат тие што веќе се овде, како и за понатаму да ја рекламираат Северна Македонија како добра дестинација за инвестиции, рече Холштајн.

Според претставниците на Владата во моментот во ТИРЗ има помеѓу 30 и 35 активни клиенти. Германските инвеститори досега учествувале со 15 до 20 проценти од вкупните инвестиции во ТИРЗ, а со најновите инвестиции Германија станува најголем инвеститор во ТИРЗ со трипати зголемено учество, односно скоро половина од инвестициите. ас/ац/

Остани поврзан