Компанијата Амфенол Технолоџи Македонија од Кочани достигна три илјади вработени
- Компанијата Амфенол Технолоџи Македонија од Кочани денеска го регистрираше вработувањето на триилјадитиот работник, со што двојно го надмина очекуваниот број на работници од почетокот на формирањето.
Кочани, 27 мај 2024 (МИА) – Компанијата Амфенол Технолоџи Македонија од Кочани денеска го регистрираше вработувањето на триилјадитиот работник, со што двојно го надмина очекуваниот број на работници од почетокот на формирањето.
Последна во евиденцијата на вработени во една од најголемите компании во Источниот регион е 25-годишната Моника Стојанова од Кочани, на која на пригодна свеченост ѝ беше доделено признание и парична награда.
-Остручена сум во областа на телекомуникациите и ангажманот во Амфенол е мое второ вработување. Во оваа компанија веќе има вработени кои се членови на моето семејство, имав непосредни информации за условите за работа, така што решив да станам дел од големиот тим, истакна Стојанова.
Раководството на кочанскиот производен гигант е задоволно од досегашниот развој и успесите на компанијата, нескромно најавувајќи дека целта е бројот на работници да продолжи да се зголемува, а со тоа да остане меѓу најголемите извозници во државата.
-За нас ова е еден многу важен и голем ден, затоа што успеавме да ја исполниме целта што си ја поставивме пред извесен период, да стигнеме до бројка од три илјади вработени. Заедно со раководниот тим и другите вработени, кои се најзаслужни за досегашниот напредок, стигнавме до овој редок успех. Кога почнувавме нашата цел беше да стигнеме до илјада и петстотини работници, а тој број сега е двојно поголем. Се надевам дека овој тренд ќе продолжи и наскоро ќе одбележиме ангажирање на три ипол, па и на четири илјади вработени, истакна Сашко Наков, директор на Амфенол Технолоџи Македонија.
Пред два месеца компанијата од Кочани отвори нов капацитет во кој се произведуваат кабли за уреди во медицината, што беше една од можностите да го зголеми бројот на вработените.
Амфенол Технолоџи Македонија почна со работа во октомври 2013 година како американска браунфилд инвестиција, а во почетокот се произведуваа кабли за антенски системи и за автомобилската индустрија, по што производната програма стана поразновидна. Со вкупен приход од околу десет милијарди денари и добивка од над 350 милиони денари, пред две години таа се вброи меѓу најголемите 30 компании во државата. та/мд/
фото: МИА