Комитет за односи меѓу заедниците одбележа 20 години постоење
- Комитетот за односи меѓу заедниците, во рамки на денешната 17. седница, ја одбележа 20-годишнината од своето постоење. Седницата ја отворила претседателката на Комитетот, Арбана Пашоли, која, како што информираат од собраниската прес-служба, потенцирала дека меѓуетничкиот соживот останува приоритет за обезбедување на мирот во земјата и регионот и дека во таа насока се и надлежностите на Комитетот.
Скопје, 10 октомври 2023 (МИА) - Комитетот за односи меѓу заедниците, во рамки на денешната 17. седница, ја одбележа 20-годишнината од своето постоење.
Седницата ја отворила претседателката на Комитетот, Арбана Пашоли, која, како што информираат од собраниската прес-служба, потенцирала дека меѓуетничкиот соживот останува приоритет за обезбедување на мирот во земјата и регионот и дека во таа насока се и надлежностите на Комитетот.
-Етичките вредности како почит, одговорност, емпатија и помирување, се од суштинско значење. Социјалната кохезија не може да се постигне без негување на социјалната свест и учење да се реагира без предрасуди и омраза кон различните култури со кои живееме.Сите луѓе се раѓаат слободни и еднакви во достоинството и правата, рекла Пашоли.
Се обратил и потпретседателот на Собранието, Хусни Исмаили, кој нагласил дека Комитетот е основан во време кога државата излезе од воениот конфликт со потпишувањето на Охридскиот рамковен договор.
-Да се работи на подигнување на граѓанската свест во однос на почитувањето на различностите, да се искорени говорот на омраза и национализмот, да се спречи дискриминацијата, порачал Исмаили.
На свечената седница се обратил и Роберт Алаѓозовски, национален координатор за интеркултурализам, едно општество, развој на културата и меѓуресорска соработка. Тој информирал дека во 2017 година почнала да се гради Националната стратегија за развој на концептот „Едно општество и интеркултурализам“, но изминатите години заедничката соработка докажува дека кога се има политичка волја и свест, може да се напредува и чекори кон заедничка иднина.
- Комитетот за односи меѓу заедниците и после 20 години, останува посветен на функционалните прашања за создавање на праведна држава, подобра демократија и поголем просперитет за сите граѓани, стои во соопштението од собраниската прес-служба. фф/бак/
Фото: Собрание на Република Северна Македонија