• недела, 22 декември 2024

Комисијата за финансирање ја заврши амандманската расправа за ребалансот на Буџетот

Комисијата за финансирање ја заврши амандманската расправа за ребалансот на Буџетот

Скопје, 8 август 2024 (МИА) - Комисијата за финансирање и буџет ја заврши амандманската расправа за ребалансот. Прифатени беа само два амандмана, за исплата на административците и за политичко рекламирање кои беа вклучени во спроведувањето на годинашните избори, што ги поднесоа пратениците Бојан Стојаноски и Дафина Стојаноска од ВМРО-ДПМНЕ непосредно пред завршувањето на седницата.

Дискусијата претходно главно се сведе на обвинувања од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ кон нивните колеги од СДСМ, дека поднесувале, како што рекоа, комични, несериозни амандмани и пртиоа, воопшто не се појавувале на седницата да ги образложат, со што покажале непочит кон граѓаните и Собранието.   

Посебен фокус беше ставен на амандманот поднесен од Моника Зајкова, за опремување болница во Зелениково, објект што според ВМРО-ДПМНЕ, воопшто не постои. Зајкова не беше присутна на седницата, што дополнително ја вжешти атмосферата.

- Ова е класично потценување на граѓаните и навреда за Собранието. Се бара опрема за нешто што не постои. Нешто попонижувачко и подегутантно не сум слушнала. Срамота е да се поднесуваат вакви амандмани, истакна Дафина Стојаноска.

Се надоврза Марија Петрушевска од ВМРО-ДПМНЕ која ова го оцени како скандал, навреда и бламирање за жителите на Зелениково.

-Денеска имаме амандман со кој се бара опрема за болница во Зелениково, а Зелениково нема болница. Опозицијата има поднесено амандмани за набавка на опрема и за вработување гинеколог. Овој амандман за гинеколог го повлекле, но не и тој за набавка на опрема. Ова е скандал и тотално несериозен пристап од страна на СДСМ, ДУИ, ЛДП и коалициските партнери. Несериозно е и тоа што Зајкова не е тука, да продискутира за ова. Крајно несериозно е и да се проодлжи со ваква пракса - поднесување амандмани само за да се поднесат. Тоа ја покажува отсутноста на допир со реалноста што се случува во нашите населени места. Локалната самоуправа, за да му излезе во пресрет на населението во Зелениково, објектот што постои го има дадено на приватна здравствена установа зашто Зелениково нема болница, рече Петрушевска.

На ова реагираше Даниела Николова од СДСМ, укажувајќи и на Петрушевска дека забелешките треба да ги упати конкретно кон Зајкова, а не кон СДСМ.

-Ова не е амандман што го поднела опозицијата, туку е амандман на Моника Зајкова. Зајкова се изјасни дека ќе делува независно во Собранието и затоа водете сметка кому ги упатувате забелешките. Се согласувам дека е несериозно да се бара нешто што фактички не постои, но ме потсети на вас. кога баравте средства за школо во Лисиче кое веќе работеше, напомена Николова.

Реагираше и заменик-претседателката на Комисијата Јованка Тренчевска. таа побара од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да не навредуваат и да го запазат нивото на собраниската дискусија.

-Задржете се на амандманот поднесен од пратеник и воздржете се од навреди и вакви реторики. Држете го нивото на Собранието, рече Тренчевска.

Тогаш за збор се јави пратеникот Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ кој наброи неколку амандмани поднесени од СДСМ.

-Ова е таква циркусијада, што не може да се пофати крај со крај. Ова укажува не само дека не сте го пронашле компасот, туку и дека пловите во непознат правец, а притоа гледате да ги повлечете во пропаст сите околу вас. Никој никого не навредува. Има и амандман на кој сте прва потпишана вие, потоа Спасовски и Лукаревска, но го повлековте. Зошто? Вкупно 90 отсто од вашите поднесени амандмани се реализирани, а другите немаат врска со реалноста. За безбедносните сили - пред 2,5 месеца вие го одбивте, а сега го поднесувате истиот текст, средства за стопанство - реализирано, РЕК да престане со работа во 2030 година - да ги оставиме на улица семејствата, тоа кажете им го вие на граѓаните од Битола, канал во Зелениково - реализиран проект, булеварско решение во Битола - реализиран проект, средства за субвенции - тој што беше министер за земјоделство се согласил во Буџетот да не бидат овие средства вклучени, сега поднесува амандман, игри на среќа, распределба по прогграми - нешто што не сте капитализирале, а сте можеле до формирање на техничката влада, студентски оброк - не сте предвиделе, а во овој ребаланс тоа се решава - значи, реализиран амандман, рече Стојаноски.

Според него, мора да се задржи нивото на дискусија во Собранието.

-Вака излегува дека си поигруваме со ребалансот и она што е искрена потреба на граѓаните. Ќе гласаме за амандмани, но ако се тие сериозни и овозможуваат подобрувања, подвлече пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ.

Неговиот сопартиец Тони Јаревски констатира дека „ова не е ништо ново кога станува збор за СДСМ“.

-Сметам дека ваквиот однос е потценување на работните тела и органите на Собранието, како и навреда за граѓаните. Но, ова е матрица, пристап, начин на размислување и делување на СДСМ. Над 30 милијарди евра буџетски средства потрошија, а што видовме од нив па сега за боница ќе дискутираме. Ребалансот е токму за да се подмират нивните земени, а невратени средства. Но, наше е тоа да го промениме, да извршиме проверка, да дадеме доза на сериозност, да завршиме со штетните политики на СДСМ.

На крајот од седницата Арбана Пашоли од ДУИ, во име на Европски фронт, ги повика пратениците да не гласаат за ребалансот зашто, како што рече, е нелегитимен, нереален, селективен и популистички. Ваквото барање таа го поткрепи  со фактот дека ниту еден од амандманите на Европски фронт не беше прифатен што, оцени, е „алармантен показател за нашата парламентарна демократија“.

-Со жалење констатирам дека ниту еден од нашите амандмани не беше прифатен. Сите 29 амадмани на Европскиот фронт, од вкупно 58, се отфрлија. Ова не е само политичко недоразбирање, туку и тешко кршење на добрите практиките за буџетирање и парламентарна демократија каде ќе се слушне и земе предвид гласот на различните заедници. Отфрлањето на сите амандмани има сериозни ризици и може да предизвика поголеми последици, ерозија на социјалната кохезија, економска стагнација во руралните средини, културно маргинализирање и губење на довербата на граѓаните. Со ова Владата крши една од главните функции на државата - буџетска контрола, влијаејќи на демократскиот капацитет. Поради овој селективен пристап и игнорирање на предлозите, ние нема да го поддржиме ребалансот, ниту можеме да му дадеме легитимност на процесот кој ги игнорира основните столбови на демократијата. Нашата парламентарна група ќе биде посветена на конструктивен дијалог и унапредување на интересите на сите граѓани, Ќе продолжиме да се бориме за рамномерен регионален развој и за подобрување на инфраструктурата. Сакам да ве потсетам, Европскиот фронт е втората опција со полна легитимност од нашите граѓани. Во ребалансот јасно се гледа отсуството на легитимност и без да се почтиува легитимноста на нашите гласачи, не може да има објективен ребаланс и буџет, истакна Пашоли. 

Општата расправа на Комисијата за ребалансот траеше три дена, а амандманската, според Деловнмикот, може да е максимум шест, по што Предлогот продолжува на пленарна седница. За ребалансот беа поднесени вкупно 58 амадмани. Некои од нив беа повлечени, а останатите одбиени. мч/са/

Фото: принтскрин

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан