• четврток, 21 ноември 2024

Комисијата за политички систем го разгледа годишниот извештај за работата на јавните обвинителства

Комисијата за политички систем го разгледа годишниот извештај за работата на јавните обвинителства

Скопје, 7 октомври 2024 (МИА) – Малиот број на јавни обвинители, недоволните буџетски средства, недоаѓањето на странките и доставата се дел од предизвиците содржани во годишниот извештај за работата на јавните обвинителства на Република Северна Македонија за 2023 година што го презентираше денеска државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски во Собранието на Република Северна Македонија.

Како што информираше републичкиот обвинител Коцевски, во извештајната година биле примени пријави против 17.124 полнолетни познати сторители и против 944 деца и заедно со пренесените 12.382 незавршени предмети од 2022 година јавните обвинители постапувале по вкупно 29.506 предмети против познати сторители. 

-  Со оглед на континуираниот пад и на бројот на јавни обвинители во изминатите години, вкупниот прилив на предмети во јавните обвинителства воопшто не е за занемарување, односно во просек на годишно ниво секој јавен обвинител од основно обвинителство добил во работа по околу 180 нови предмети. Се разбира, овој број претставува само просек и приливот и обемот на работа во одредени обвинителства е значително поголем, стои во Извештајот. 

Коцевски посочи дека и покрај тоа што се подобруваат материјалните услови за работа за јавните обвинителства, сепак не е остварена обврската од чл. 101 од Законот за јавното обвинителство, буџетот за буџетскиот корисник - Јавно обвинителство на РСМ да изнесува 0,4 проценти од државниот буџет за тековната година. 

- Одобрениот буџет за 2023 година повторно изнесува околу половина од барањето, односно 0,2 отсто од државниот буџет, информираше тој.

Дополни дека потребните финаниски средства е неопходно да се обезбедат за да не се доведе во прашање извршувањето на функцијата и со цел да се овозможи непречена работа на обвинителствата.

Како предизвици ги издвои и просторните услови во кои работат поголемиот дел од обвинителствата низ државата кои не ги задоволуваат потребите ниту ги исполнуваат условите за ефикасност на кривичната постапка, а горлив проблем за обвинителствата останува информатичкиот кадар.

-  Нема криење предмети во фиока, постојат објективни причини за одолеговлекувањето на постапките. Тоа се мал број на обвинители, недоаѓање на странки, достава. Објективните околности се најголем проблем во однос на ефикасноста на ЈО, рече обвинителот.

Според Драган Ковачки, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, состојбата во правосудниот систем е катастрофална, а државата нема авторитет.

- Државата нема авторитет, никој не ѝ се плаши на државата, односно институциите. Со непреземањето на мерки на ЈО може да се зголеми криминалитетот, расте недовербата во правосудството и во системот. Има кривични пријави што се чуваат во фиока. Со непреземање на мерки може да се доведеме до ситуација лице кое е криминализирано да се кандидтира за заменик генерал на НАТО, рече Ковачки.

Беким Ќоку, член на ДПА, постави неколку прашања меѓу кои зошто во извештајот немало кривични дела или истражни мерки против политичари и дисциплински мерки за јавни обвинители.

- Ова беше еден извештај кој што беше изморен за слушање, или во Македонија имаме една држава која што би ја посакал секој. За жал, не е така. РСМ денеска е ставена во државите каде што правниот систем е најлош во регионот и во Европа, рече тој.

Во одговор обвинителот Коцевски наведе дека има поведено постапка против 13 обвинители од кои шест се разрешени, пет со парична казна и двајца ослободени од одговорност.

Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците денеска го разгледа и проследи на понатамошна постапка годишниот извештај за работата на јавните обвинителства на Република Северна Македонија за 2023 година.

Расправата треба да продолжи со разгледување на годишен извештај за работата на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен за 2023 година.ар/аа/

Фото:МИА архива

 

Остани поврзан