• недела, 22 декември 2024

Комисијата за заразни болести ќе расправа за епидемиолошката состојба

Комисијата за заразни болести ќе расправа за епидемиолошката состојба
Скопје, 2 март 2022 (МИА) - Комисијата за заразни болести, според најавите, денеска ќе одржи состанок, на кој ќе се расправа за епидемиолошката состојба со КОВИД-19 во земјава. Последните податоци на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) покажуваат дека во државава се активни 3431 Ковид случај, од кои 1840 се во Скопје. Од ИЈЗ вчера информираа дека се намалува бројот на заразени, починати и хоспитализирани од Ковид-19. Минатата недела регистрирани сe 3.702 нови позитивни случаи, што е намалување од 39,5 отсто во однос на претходната седмица. Процентот на позитивност се движел од 13,1 отсто до 24,2 отсто, просечно 18,6 отсто. Според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје, во периодот од 21 до 27 февруари тестирани се вкупно 19.217 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со намалување од 17,9 отсто во однос на минатата недела. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (n=1.975; 53,3 отсто), а највисока неделна инциденца е регистрирана во Кавадарци – 394,1/100.000, Скопје – 311,4/100.000 и Гевгелија – 285,3/100.000. Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60г (n=951, 25,7 отсто). Најмал број е регистриран кај возрасната група од 0-9 години (n=194; 5,2 отсто). Во однос на претходната недела, се бележи намалување на бројот на заболени кај сите возрасни групи, а најмногу од 43,6 отсто во возрасната група од 10-19 години и 43,5 отсто кај лицата на возраст од 50-59 години. Согласно новиот алгоритам за оздравување во текот на минатата недела со статус „оздравени“ се стекнале 6 094 лица во хоспитализирани услови или на домашно лекување. Во текот на минатата недела вкупно се пријавени 543 реинфекции, од кои една е втора реинфекција, со намалување за 37,2 отсто  во однос на претходната недела. Пријавени се 68 смртни случаи во 19 градови, за 45,6 отсто помалку во однос на претходната недела. Според извештаите од болниците, моментално се хоспитализирани 337 лица (23,3 отсто помалку во споредба со претходна недела), од нив 255 се на кислородна поддршка (14,1 отсто помалку во споредба со претходна недела), а девет на инвазивна/неинвазивна механичка вентилација (18,2 отсто помалку во споредба со претходна недела). Заклучно со 28.02.2022, вакцинирани се вкупно 870.405 лица со барем една доза на вакцина против COVID-19. Комплетно вакцинирани (со две дози) се вкупно 849 727 лица, а со трета доза се вакцинирани 142.201 лица. По  вчера регистрираните 476 нови КОВИД случаи за претходното деноноќие, во кое се регистрирани 17 починати и 524 оздравени лица, вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата достигна 297 738. Оздравени 285 280 пациенти, а починале 9 027. Амбасадата на Италија во земјава информира дека почнувајќи од вчера, па сѐ до 31 март, кога се очекува да заврши вонредната состојба во Италија, повеќе ќе нема ограничувања за влез во таа земја. – Ќе може да се влезе и за туристички патувања, со приложување на Европскиот ковид-сертификат, добиен по извршена вакцинација со една од вакцините одобрени од ЕМА. Алтернативно, ќе може да се влезе во Италија и со потврда/сертификат за оздравување или со прикажување негативен молекуларен или антигенски тест, од кој се ослободени децата до шест години. При влез во земјата задолжително треба да се приложи и дигиталниот формулар за лоцирање патници PLF (Passenger Location Form), соопшти вчера Италијанската амбасада. фф/лв/

Остани поврзан