• понеделник, 13 мај 2024

Комисијата за економски прашања го разгледува Предлог-финансискиот план на РКЕ за 2024 година

Комисијата за економски прашања го разгледува Предлог-финансискиот план на РКЕ за 2024 година

Скопје, 1 февруари 2024 (МИА) – Собраниската Комисија за економски прашања на денешната седница го разгледува Предлог-финансискиот план на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) за 2024 година. Седницата ќе продолжи во 15:30 часот по редовната попладневна пауза.

Претседателот на РКЕ Марко Бислимоски во образложението на финансискиот план за годинава рече дека се предвидува намалување за 20 отсто на надоместот преку кој се финансира работењето на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад во однос на 2023 година.

-Планираните приходи за обезбедување на финансиските средства за функционирање на РКЕ се обезбедува преку надоместот од лиценцираните компании кој ќе се намали за 20 отсто во споредба со 2023 година и  ќе изнесува 0,0364 проценти од вкупниот приход на носителите на лиценци за вршење на енергетска дејност и од годишниот приход на даватели на водни услуги, рече Бислимоски.

Вкупните приходи на РКЕ, како што кажа, се 230 милиони денари од кои 80 милиони се заштеди од претходните години поради рационално и економично работење. Токму тие средства кои сме ги заштедиле од минатите години, додаде, ќе се наменат за купување на дополнителен простор во зградата во која и сега работи РКЕ поради зголемените надлежности и доекипирање. 

-Освен за струја и цена на парно денеска сме надлежни и за опсег на вода, сега и за комунален отпад. Во однос на трошоците - количините се намалени, но трошоците се зголемени поради зголемените пазарни цени, посочи Бислимоски.

Во раправата пратениците од опозицијата обвинија дека РКЕ е антиенергетска комисија која е целосно партизирана од владејачките партии и претставува партиска испостава.

Здравко Трајанов од ВМРО-ДПМНЕ во својот говор рече дека ќе има зголемување на цената на струјата, водата, и парното иако се тврди спротивното и оти тоа ќе зависи само дали ќе се случи пред или по изборите.

-Тоа како ве оценуваат меѓународните институции е оценка на странците, вие гледајте како ве оценуваат граѓаните. Имате зголемени ставки за струја и јасно е како ден дека цената ќе поскапи. Мене овие ваши извештаи ми се како показател што ќе се случува и со цените - значи ќе има зголемување на цена на струја. Ќе купувате простор, а се жалите дека нема употребна вредност и дозвола зградата во која сте сместени. Читам денеска вест дека по јуни никој не ја гарантира цената на струјата како што рекол Крешник Бектеши, посочи Трајанов.

Според него, клучно е кој ја одредува цената на струјата, дали РКЕ или министерот за економија.

-РКЕ не ја утврди цената на струјата за 2024 година согласно законот. Утврдена е цена која ќе важи до крај на шести месец, односно до изборите, а при тоа никој не знае колку Владата ќе треба да финансира за да се одржи таа цена, рече Трајанов.

Во реплика Бислимоски му рече дека петта година по ред РКЕ е најдобар регулатор во рамките на Енергетската заедница и е набљудувач во рамите на Здружението на европските регулатори каде, како што кажа, за да бидете треба да исполнувате строги критериуми во однос на независноста.

-Тој што треба да не оцени за независност не оценил со највисоки оценки и како такви сме набљудувачи во Здружението на европските регулатори. Таму не може да биде членка земја која не исполнува критериуми и од регионот нема друга земја освен Македонија, рече Бислимоски.

Марија Горгиевска од СДСМ исто така, во реплика рече дека во РКЕ од основањето работат респектирани експерти, а вие колега Трајанов, додаде, тврдите дека е партиска испостава.

-Изненада сум од вашата дискусија како во кампања да зборувате. Како тоа предвидувате дека ако остане СДСМ и Коалицијата ќе се зголеми цената на струјата. Многу некоректно е да дискутирате како во кампања. Ве разбирам да напаѓате, но не е почната кампања. Знаете дека има процедура како се формира цената - ЕСМ ја нуди цената по одлука од Влада на универзален снабдувач и тоа е еден дел само,... РКЕ е респектирана од меѓународни фактори, а вие велите странците што сакаат нека кажат овде граѓаните не ве почитуваат, рече Георгиевска. 

Во контрареплика  Трајанов и рече дека „гуруто за енергетика Бектеши изјавил дека евтина струја за домаќинствата ќе има до 1 јули, а за потоа не се знае“.

Во подоцнежниот дел од расправата дискутираа само пратеници од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.вј/лв/

Фото: Принтскрин

Остани поврзан