Колумбија возвраќа на заканите на Трамп
- Колумбискиот претседател Густаво Петро возврати на најновите прикриени закани од американскиот претседател Доналд Трамп, пренесе ДПА.
Богота, 5 јануари 2026 (МИА) – Колумбискиот претседател Густаво Петро возврати на најновите прикриени закани од американскиот претседател Доналд Трамп, пренесе ДПА.
Изјавите се „нелегитимна закана“, напиша Петро на X, додавајќи дека внимателно ќе размисли што значат тие.
Еден ден по американскиот напад врз Венецуела и апсењето на нејзиниот лидер Николас Мадуро, Трамп ја опиша Колумбија како „многу болна“ и рече дека земјата ја води „болен човек кој сака да прави кокаин и да го продава на Соединетите Американски Држави“.
- Тој нема уште долго да го прави тоа, изјави Трамп вчера.
Петро предупреди дека доколку се преземе акција против него, ќе има сериозни последици: „Ако го уапсат претседателот, кој е ценет и почитуван од мнозинството од мојот народ, ќе го ослободат јагуарот на народот“, напиша Педро.
Јагуарот, најголемата граблива мачка во Јужна Америка, е автохтон за дождовните шуми на Колумбија.
- Секој војник во Колумбија од овој момент има наредба: секој командант на безбедносните сили кој ќе го претпочита американското знаме пред колумбиското знаме веднаш ќе биде отстранет од институцијата, напиша тој.
- Наредбата до безбедносните сили е да не пукаат во народот, туку во напаѓачот, додаде Педро.
Трамп и претходно повеќепати го критикуваше Петро, но не го спомена по име за време на разговорот со новинарите во авионот на лет кон Вашингтон.
На новинарско прашање дали ќе има воена операција против Колумбија, Трамп одговори: „Ми звучи добро.“
САД во саботата извршија напади врз цели во Венецуела, го заробија Мадуро и го изведоа од земјата заедно со неговата сопруга. Тој треба да се појави пред суд во Њујорк по обвиненија поврзани со трговија со дрога.
Колумбија, соседна земја на Венецуела, се смета за голем производствен центар за кокаин. јт/
Фото: ДПА