• петок, 22 ноември 2024

Колку е тешко да останеш чист - главната идеја на филмот „Касапско оро“ кој почна со првата клапа од снимањето

Колку е тешко да останеш чист - главната идеја на филмот „Касапско оро“ кој почна со првата клапа од снимањето

Скопје, 22 мај 2024 (МИА) - На Средно Водно во Скопје денеска почна првата клапа од снимањето на македонскиот долгометражен филм со работен наслов „Касапско оро“, во режија на Срѓан Јанаќијевиќ. Филмот говори за борбата за слобода на новинарството во една транзициска држава, а најголем дел од снимањата ќе се одвиваат во две возила. Според Јанаќијевиќ, главната идеја на приказната е „колку е тешко да останеш чист“.

Станува збор за политички трилер со примеси на црна комедија во продукција на „Ново македонско видео“, во кој главните улоги ги толкуваат Никола Ристановски и Дарја Ризова. Идејата за филмот е на Срѓан Јанаќијевиќ, сценариото на Сашо Кокаланов и Дејан Дуковски, а главен продуцент е Сашо Пешев.

Според режисерот Јанаќијевиќ, снимањето на филмот тргнало многу добро, согласно очекувањата. Тој објасни дека една од среќните околности е што првата сцена од филмот се снима на првиот ден. Идејата за приказната, како што рече, постои пет години.

- Не беше лесно целиот процес да се извози од почеток до крај. Се менуваат времињата, особено денес се менуваат цели политики на цела планета, а не пак начинот на живот. Цело време треба да наоѓаш некоја адаптација, нов јазик, нова визура, но на крајот навистина излезе супер што чекавме толку долго. Идејата е моја, меѓутоа приказната имаше една варијанта, па уште една, па трета, и на крајот направивме една многу интересна нелинеарна приказна, рече Јанаќијевиќ.

На новинарско прашање која е главната идеја на приказната во филмот, Јанаќијевиќ одговори дека идејата е „колку е тешко да останеш чист“.

-Идејата е колку е дури неизводливо да останеш чист. Сите имаме потреба да дојдеме до вистината, меѓутоа вистината почнува да се разлева во некој политички надреализам и животот ни станува многу сомнителен. Исто така, колку е важно и потребно да се следи вистината, појасни Јанаќијевиќ.

Актерската екипа, која е дел од филмот е мала.Освен актерите Ристановски и Ризова, се појавуваат и Сашко Коцев, Сара Сандева, Оливер Митковски... Поголемиот дел од филмот се случува во две возила.

Продуцентот Сашо Пешев рече дека во продукциска смисла, филмот е тежок бидејќи дел се случува во возило, а снимањето во возило е особено тешко.

- Филмот е помогнат од Агенцијата за филм, со минимален буџет од околу 21 милион денари и бевме веќе принудени да го снимаме оваа година, бидејќи петгодишниот договор со Агенцијата кој е одобрен во 2019 година, завршува оваа година. Беше голем притисок да се добијат парите, короната ги запре сите продукции, изјави Пешев.

Тој појасни дека за снимање на филмот била потребна дополнителна опрема и посебна приколка за возилото и дека специјално возило е обезбедено со техничка поддршка од Словенија. Пешев најави дека специјалното возило доаѓа во петок и сите кадри ќе бидат снимани со нивната техничка поддршка.

-Генерално, филмот е повеќе глумачки. Се работи за борба за слободата на новинарството, во една транзициска држава каде што има голем притисок, каде што се испреплетува криминалот, корупцијата, политиката и борбата за вистина, борбата за професијата, појасни Пешев.

Тој напомена дека филмот бара повеќе вложување во глумачкиот дел и затоа се обиделе да обезбедат искусни и квалитетни актери, а постои и лимитиран број на денови за снимање.

- Филмот бара повеќе вложување во глумачкиот дел, затоа се обидовме барем во делот на кастингот да обезбедиме искусни и квалитетни актери кои ќе го одработат глумечкиот дел и паралелно, бидејќи имавме минимален буџет, екипата да биде составена од искусни професионалци. Имаме лимитиран број на снимачки денови, немаме можност за дополнителни снимања, за продукциски корекции. Имаме максимум 18 до 20 снимачки дена. Мислам дека ќе направиме добар филм на крај, кој ќе го покажеме и на интернационални фестивали. Приказната е универзална, рече Пешев.

Локациите за снимање ќе бидат генерално во државата - на Водно, патарина, бензиска пумпа, обиколница, а завршната сцена е маскенбал.

- Мораме филмот да го завршиме до есента, да направиме кино прикажување и да го предадеме, појасни Пешев.

Актерот Никола Ристановски на снимање на филмот денеска изјави дека игра улогата на новинар, кој има обврска да дојде до одредена вистина.

Актерката Дарја Ризова, пак, игра улога на млада новинарка на почетокот на својата кариера која е бунтовна, и која оди со „главата во ѕид“ и сака нешто да смени. бт/бак/

Фото: МИА

 

 

 

Остани поврзан