• недела, 22 декември 2024

Ковид кризата ги намали приходите од патарина

Ковид кризата ги намали приходите од патарина
Скопје, 28 ноември 2020 (МИА) -  Од јануари до крајот на октомври годинава на сите наплатни станици во државава била наплатена патарина на  25.275.212 возила при што е остварен промет од 1.707.754.473 денари. -Целата ситуација поврзана со пандемијата на Ковид 19 остави трага и во работењето на наплатните станици. Резултатите разбирливо не се на проектираната сума, меѓутоа, сепак не се занемарливи, велат за МИА од Јавното претпријатие за државни патишта. Конкретно, најслаб промет од наплата на патарина по сите основи е регистриран во април кога во сила беа најригорозните мерки за ограничување на движењето, полициските часови и карантините. Наплатени се вкупно 96.115.367 денари. Најголем промет е остварен во август кога се наплатени 203.361.750 денари -Поради ситуацијата, во голема мера е намален сообраќајот на Коридорот 10 бидејќи отсуствуваат странските возила, немаше туристи и сето тоа се одразува на остварените резултати. Наплатните станици од Коридор 8 функционираат со поголем капацитет и кај нив моментално се остварува поголема наплата, велат од ЈПДП. Извештајот на ЈПДП за првата половина од годинава покажува дека во тој период е остварен приход по основ на патарина во износ од 892.140.435 денари, односно 29,74 проценти од планираните. Споредено со истиот период од минатата година приходот по тој основ е помал за 20,46 проценти, односно 229.530.675 денари. Приходите од акцизата на нафтените деривати, пак, изнесуваат 1.389.920.116 денари, или 44,84 проценти од планираните, а споредено со првиот квартал лани се поголеми за 1,18 проценти. Од надомест за патна такса што се плаќа при регистрација на моторни возила е остварена повисока наплата за 0,14 проценти. Продадени 20.602 уреда за електронска наплата Во рамки на електронската наплата продадени се вкупно 6895 уреди, од кои 4366 електронски МСмарт картички и 2529 електронски уреди Мтаг, со што, годинава е остварен промет само од продажба на уреди во висина од 3.741.400 денари. Направени се 103.326 поединечни надополнувања на уредите и прометот по тој основ изнесува 235.366.191 денари. Извршена е и уплата на 5650 Билети за ненаплатена патарина (VT билети) со што е остварен промет од 1.006.100 денари. Од започнувањето на електронската наплата на патарина, па до 15-ти месецов се продадени вкупно 20.602 електронски уреди. -Ова укажува дека електронската наплата на патарина функционира успешно. Нашите корисници брзо се прилагодија на новиот систем за наплата затоа што самиот систем си има бенефити, брз проток, брз транзит, плаќање на фактури и онлајн, следење на состојби и транзити преку веб портал со што се избегнува дополнителна документација и слично. Фидбекот е позитивен, а тоа го покажуваат и остварените резултати, информираат од ЈПДП за МИА. Три компании во трка за проектот за електронскиот систем за Коридорот 8 Во тек е евалуација на втората фаза од тендерот на ЈПДП за проектот за изградба и инсталација на електронски систем за наплата на патарини долж Коридорот 8 и автопатот Миладиновци – Штип. Во првата фаза понуди доставија пет компании од кои три се квалификуваа за втората фаза. Проектот опфаќа, модернизација на постоечките наплатни станици на Коридорот 8 со електронски систем за наплата на патарина и изградба на нови наплатни станици на автопатот Миладиновци-Штип. Вкупната вредност на проектот е 13,7 милиони евра, од кои 13 милиони евра се обезбедени од Европската банка за обнова и развој, а 700 илјади евра од Јавното претпријатие за државни патишта од својот буџет. Временската рамка за реализација на проектот е 12 месеци од потпишување на договор, нагласуваат од ЈПДП. Билет за ненаплатена патарина Доколку при поминување патарина сте го заборавиле паричникот ќе ви биде издаден билет со бар код (ненаплатен билет), за кој што дополнително се прави уплата. Билетот за ненаплатена патарина со налог за плаќање се издава на наплатните станици на кои е воведен електронскиот систем за наплата на патарина. Во евиденцијата на Јавното претпријатие стои дека од почетокот на годината до крајот октомври била извршена  уплата на 5650 билети за ненаплатена патарина (VT билети). -Доколку корисникот на патот – сопственик на возилото не ја плати патарината или на кој било начин одбива да го стори тоа, му се издава билет за ненаплатена патарина со налог за плаќање во рок од 24 часа од моментот на издавањето, појаснуваат од ЈПДП. Билетот за ненаплатена патарина со налог за плаќање се издава на наплатните станици на кои е воведен електронскиот систем за наплата на патарина. Корисниците на патот на кои им е издаден билет за ненаплатена патарина со налог за плаќање можат да го платат на секоја сообраќајна лента на наплатните станици каде се врши продажба и надополнување на електронските уреди и на официјалната веб страница на Јавното претпријатие за државни патишта, стои во член 10 од Одлуката за висината и начинот на наплата на патарини. Лидија Велковска  

Остани поврзан