Ковачевски: Јавно промовирање и поддржување на сексуално насилство и насилство врз жени е целосно неприфатливо
- Премиерот Димитар Ковачевски денеска одговарајќи на пратеничко прашање од пратеничката од СДСМ Даниела Марковска, за случајот со новинарот Драган Павловиќ Латас рече дека е вознемирен и згрозен од јавното промовирање на сексуалното насилство и дискриминација.
Скопје, 23 февруари 2023 (МИА) - Премиерот Димитар Ковачевски денеска одговарајќи на пратеничко прашање од пратеничката од СДСМ Даниела Марковска, за случајот со новинарот Драган Павловиќ Латас рече дека е вознемирен и згрозен од јавното промовирање на сексуалното насилство и дискриминација.
-За овој случај, овде од собраниската говорница, пред сѐ сакам да зборувам како граѓанин, како човек, како татко, а потоа како премиер. Слушнав за ова пред неколку дена и оттогаш до денес кога и да помислам на случајот, навистина се вознемирувам и се чувствувам гневно. Ова однесување, не само што е срамно за мажите, и тоа не само тука, туку и во светот, ова е срамно за сите луѓе, секое едно човечко битие. Јавното промовирање и поддржување на сексуалното насилство и сексуалната злоупотреба е целосно неприфатливо, потенцира Ковачевски.
Тој нагласи дека не смее да се толерира вакво, како што рече, понижувачко, омаловажувачко, деградирачко третирање на жената.
-Секое вакво однесување, мора да биде јавно осудено и да испрати јасна порака дека насилството врз жените е неприфатливо, потенцира премиерот, додавајќи дека силната јавна осуда била сосема на место.
-Затоа ги повикувам институции кои за волја на вистината реагираа во рамките на своите надлежности да го истераат овој случај до крај. Да покажат дека сепак во Северна Македонија имаме владеење на правото. Воедно, го повикувам Здружението на новинари, да се оградат од колегите кои шират ксенофобија и дискриминација, бидејќи такви луѓе не се достојни да пишуваат и да зборуваат пред јавноста, истакна Ковачевски.
Тој потенцира дека слободата на говорот во Република Северна Македонија е загарантирана со Устав, но тоа истовремено не значи и дека секој може да ги гази човековите права, да шири омраза, мизогинија, ксенофобични и дискриминаторски идеи.
-Слободата на говор истовремено подразбира одговорност и постоење на висока свест за демократските начела и за слободите, правата и обврските во едно отворено општество, рече Ковачевски. ир/aa/