• вторник, 05 ноември 2024

Ковачевски - Фајон: Охрабрување од Словенија за ново придвижување во евроинтеграцискиот процес

Ковачевски - Фајон: Охрабрување од Словенија за ново придвижување во евроинтеграцискиот процес

Скопје, 3 април 2023 (МИА) - Словенија изразува силна поддршка за напредокот на Северна Македонија кон ЕУ и ја охрабрува земјата продолжи во насока на ново придвижување во евроинтеграцискиот процес, порача словенечката вицепремиерка и министерка за надворешни и европски прашања Тања Фајон на денешната средба со премиерот Димитар Ковачевски, во Љубљана.

Како што соопшти владината Прес-служба на средбата се поздравени државничките политики на Владата на Република Северна Македонија во правец на реализација на европските перспективи на државата, што е оценето како значаен придонес и во регионалната и европската стабилност.

- Во таа насока, е пренесена силна поддршка за напредокот на Северна Македонија кон ЕУ, со изразено охрабрување за Република Северна Македонија во насока на ново придвижување во евроинтеграцискиот процес и фокусирајќи се на правење конкретни чекори во преговарачкиот процес и одржување на актуелниот реформски моментум, се додава во соопштението.

Претходно, во Љубљана премиерот Ковачевски се сретна со неговиот словенечки колега Роберт Голоб, при што се договорија за зајакнување на билатералната соработка преку редовен политички дијалог, вклучително и преку одржување меѓувладина седница во текот на оваа година за сите важни области за граѓаните.

Двајцата премиери потпишаа заедничка декларација за зајакнување на соработката меѓу двете држави, а една од областите на зајакната соработка ќе биде токму практичната поддршка на Словенија во натамошниот процес на преговори со Европската Унија. сп/

Фото: Влада

Остани поврзан