Ковачевски: Фактот дека водиме дебата значи дека се работи за клучно прашање, процесот ќе заврши успешно за граѓаните
- Фактот дека водиме дебата подолго време, значи дека се работи за исклучително клучно прашање. Доколку се работи за одлука која што не дефинира иднина, тогаш веројатно и дебатата не би се водела ниту толку долго, ниту толку детално. Процесот ќе се води, ќе се дебатира и ќе заврши успешно за граѓаните и за државата, порача премиерот Димитар Ковачевски, прашан до кога ќе трае процесот и кога ќе се гласа за уставните измени.
Скопје, 25 август 2023 (МИА) - Фактот дека водиме дебата подолго време, значи дека се работи за исклучително клучно прашање. Доколку се работи за одлука која што не дефинира иднина, тогаш веројатно и дебатата не би се водела ниту толку долго, ниту толку детално. Процесот ќе се води, ќе се дебатира и ќе заврши успешно за граѓаните и за државата, порача денеска премиерот Димитар Ковачевски, прашан до кога ќе трае процесот и кога ќе се гласа за уставните измени.
Тој останува на ставот дека секоја стратешка одлука е одлука која што ја определува иднината за повеќе генерации.
-Доколку се работи за одлука која што не дефинира иднина, тогаш веројатно и дебатата не би се водела ниту толку долго, ниту толку детално, ниту на толку нивоа. Ова само потврдува дека се работи за исклучително важно прашање и ќе се води толку колку што е потребно, за да се донесе правилна и вистинска одлука за остварување на целите и визијата на граѓаните на оваа држава, рече Ковачевски во одговор на новинарско прашање на заедничката прес-конференција со заменик-помошникот државен секретар на САД и специјален претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, кој е во посета на Скопје.
Според Ковачевски, граѓаните заслужуваат да живеат во општество кое ги има истите европски стандарди со државите членки на ЕУ.
-Кога започна процесот, јас имав подолго експозе во Собранието, во кое што зборував толку за целите кои сме ги поставиле, токму за европските и евроатланските интеграции, како сврзно ткиво на граѓаните на оваа држава, со сите нивни различности. Секој кој е дел од пазар од половина милијарда луѓе, најбогатиот пазар во светот заедно со пазарот на САД, тогаш тој може и да напредува. Заради тоа што нашите граѓани го заслужуваат токму ова, процесот ќе се води, ќе се дебатира и ќе заврши успешно за граѓаните и за државата, додаде Ковачевски.
Прашан дали е оптимист дека може да се изнајде договор Северна Македонија да добие преговарачка рамка со која што ќе ги отпочне преговорите, Ковачевски рече дека е рационален оптимист.
-Тоа значи дека верувам во остварување на целта и работам таа цел да се оствари. Пораката која што повторно ќе ја упатам до пратениците во Собранието, е дека тие се претставници на граѓаните. Граѓаните многу јасно кажуваат дека сакаат да бидат дел од ЕУ. Пратениците треба да бидат дел од европската идеја за Северна Македонија. Тие ја зеле одговорноста и честа да ги застапуваат граѓаните во Собранието и утре ќе бидат запишани во историјата како личности кои обезбедиле европска иднина на државата. Јас сум горд на сите пратеници во нашето Собрание, кои биле дел од носењето на важните стратешки и тешки одлуки за државата, рече Ковачевски.бт/лв/
Фото/ МИА