• понеделник, 23 декември 2024

Ковачевски: Поддршката од Светска банка постави солидни патеки за побрз економски раст со што се олеснува нашиот пат кон ЕУ

Ковачевски:  Поддршката од Светска банка постави солидни патеки за побрз економски раст со што се олеснува нашиот пат кон ЕУ

Скопје, 1 декември 2023 (МИА) - Триесетгодишната поддршка на Светска банка поставува солидни патеки за имплементација на реформите коишто водат кон постигнување на побрз економски раст и развој, со што се олеснува нашиот пат кон исполнување на нашата зацртана цел, а тоа е приклучувањето во ЕУ, истакна премиерот Димитар Ковачевски на конференцијата посветена на 30-годишното партнерство со Светска банка.

-Ова заедничко пријателство, во кое учествуваат државните институции, кои се во рамки на Владата и Народната банка, претставува исклучително важна соработка пред сѐ за нашите граѓани, не само поради финансиската поддршка што ја добиваме од Светска банка, туку поради трансферот на знаење и експертиза, кои несомнено нѐ водат кон остварување на нашите стратешки цели и вредности, рече Ковачевски.

Додаде дека Светска банка е 30 години стратешки партнер на земјава и го поддржува развојот и напредокот на државата преку инвестициски проекти во вредност од близу три милијарди долари во различни области.

-Нашето долгогодишно партнерство со Банката се рефлектира преку реализација на бројни проекти во делот на патната инфраструктура, изградба на градинки и училишта, развој на патиштата, олеснување на трговијата и транспортот во Западен Балкан, поврзување на локални патишта, модернизација на земјоделството, унапредување на социјалните услуги, унапредување на основното образование, практично во сите области на нашето живеење, рече Ковачевски.

Директорот на Светска банка за Северна Македонија и Косово, Масимилиано Палучи рече дека според последните економски дијагностики на Светска банка за земјава, снабдувањето на луѓето со квалитетни и релевантни вештини во текот на нивниот живот, отстранувањето на бариерите во учеството на пазарот на трудот, особено за жени и за млади и подобрувањето на пристапот за квалитетни јавни услуги за ранливите категории и руралните средини треба да останат како приоритет за земјата.

Потпретседателката на Светска банка за Европа и регионот на централна Азија, Антонела Басани, земјава овозможила стабилна средина и привлекла приватни инвестиции со што делумно го придвижила извозот во секторот на производството.

-Првиот проект на Светска банка за Северна Македонија, кој вредеше 80 милиони долари, беше одобрен во 1994 година за да ја поддржи програмата за економски реформи на земјата. Во тоа време годишната инфлација во земјата беше преку 200 проценти, а Северна Македонија беше на прагот на економски колапс и неконтролирани општествени притисоци. Оттогаш, по цена на три децении на транзиција, Северна Македонија го искуси најстабилниот економски раст на Западен Балкан, нагласи Басани.

На првата панел дискусија на тема „Стареење и миграција: Двојните демографски предизвици на Северна Македонија“ се обратија и министерот за финансии Фатмир Беисми и министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска.

Министерот Бесими рече дека во последните 20 години миграцијата и намалениот наталитет придонесуваат за сериозно намалување на човечкиот капитал и дека ова се сериозни предизвици кои не можат да се променат преку ноќ.

- Работиме на неколку документи. Сите тие имаат еден заеднички именител, а тоа е човечкиот капитал кој бара реформи на постојниот систем, повеќе инвестиции и конзистентност на политиките затоа што ефектите од реформите нема да се видат на краток рок, туку на среден и долг рок, рече Бесими.  

Според министерката Тренчевска, миграцијата има сериозни импликации за растот и продуктивноста затоа што како што населението старее, се јавува недостаток на квалификувана работна сила. 

-Одливот на мозоци може да доведе до значителни празнини во виталните сектори и да ја намали продуктивноста. Стареењето и миграцијата, исто така, го зголемуваат притисокот врз системот за социјална заштита во Северна Македонија и  врз потребата од обезбедување на  јавни услуги, рече Тренчевска.

Таа истакна дека Министерството за труд и социјална политика активно работи на спречување на негативните последици од трендовите на миграцијата и дека тие предизвици се опфатени во Стратегијата за демографија.

Во рамки на конференцијата се одржа и втора панел дискусија на тема „Човечки капитални инвестиции за попросперитетно стареење во Северна Македонија“, каде што освен претставници од Светска банка и други стручни лица во оваа област, се обратија и вицепремиерот за економски прашања и инвестиции Фатмир Битиќи и министерот за образование Јетон Шаќири. сх/бак/

Фото: МИА

 

Остани поврзан