• недела, 29 септември 2024

Ковачевски: Со владина поддршка го вративме сјајот на Домот на култура во Прдејци

Ковачевски: Со владина поддршка го вративме сјајот на Домот на култура во Прдејци
Струмица, 11 ноември 2022 (МИА) - Со владина поддршка го вративме сјајот на Домот на култура во Прдејци, изјави премиерот Димитар Ковачевски при денешната посета на реконструираниот Дом на култура во Прдејци, Општина Гевгелија. Овој објект е реконструиран со средства од владините проекти на ТАВ кои се насочени исклучиво кон подобрување на инфраструктурата и квалитетот на животот на граѓаните во локалните заедници. -Објектот кој денеска го посетив овде во Прдејци има исклучително значење за една локална заедница, затоа што ваквите објекти како овој Дом на културата кој беше целосно реновиран со владини средства од проектите на ТАВ, претставуваат споменици кои го чуваат наследството и во кои е впишан значаен дел од историјата со години наназад. Впрочем, смислата на вложување во културата треба да се бара во градењето општество во кое сите подеднакво ќе учествуваат во создавањето на културните вредности и сите ќе имаат пристап до нив како консументи, истакна Ковачевски. За жал, како што посочи премиерот, домовите на културата кои беа симбол на подемот на културата во еден некогашен систем,  низ годините доживеаја немила судбина да бидат напуштени и заборавени од неодговорното и расипничко однесување на претходната власт. -Овие сврталишта на многу генерации, поради мегаломанските зафати на истата таа власт, особено во главниот град, но и во помалите места, останаа целосно разнебитени и напуштени, без никој да води вистинска грижа за нивното значење и наследството што го имаат. Затоа, токму овде од Прдејци, од пред овој важен објект кој сега е целосно обновен, сакам да им порачам на опозицијата, реновирањето да не си го препишуваат како лична заслуга и да не се обидуваат да ја манипулираат јавноста, китејќи се со нешто за кое немаат дадено никаков придонес, истакна Ковачевски. Тој потенцира дека Владата која посветено работи на развој и унапредување во секој сегмент од општеството меѓу другото и на културата, јасно е фокусирана на враќањето на поранешниот сјај на овие места. -Со реконструкцијата која што заврши на почетокот на летото, Домот на култура во Прдејци во Општина Гевгелија, добивме модерен, функционален повеќенаменски објект пристапен за сите, кој ќе го збогати квалитетот на живот во вашето место. Овој капитален проект од огромно значење за локалното население, го реализиравме преку владината програма со пренаменетите средства од ТАВ во висина од 211 илјади евра. Овие финансии се искористени за целосна внатрешна и надворешна реконструкција со што добивме модерен и целосно енергетски ефикасен објектот. На овој начин во време на енергетска криза обезбедуваме рационално искористување на електричната енергија, подобри услови за вработените, но и за посетителите, рече премиерот. Проектите од ТАВ програмата, меѓу кои е и овој Дом на културата, како што истакна тој,се пример за соработка помеѓу локалната и централната власт и општествено одговорните инвеститори. -Тоа се реални проекти за секојдневните, реални потреби за граѓаните. За поврзување на населените места, обезбедување на квалитетно и континуирано водоснабудување, како и подобрување и модернизирање на содржини средени за граѓаните да добијат поквалитетен живот во местата каде живеат, рече Ковачевски. Премиерот во оваа прилика истакна дека Владата во соработка со ТАВ реализира инфраструктурни проекти низ целата држава, во сите плански региони. Вкупна вредност за сите 94 инфраструктурни проекти изнесува 49,7 милиони евра. Во контекст на тоа, додаде дека голем дел од проектите се завршени, а дел се во завршна фаза. -Тоа значи дека и во време на светска економска криза ние остануваме цврсто на нашата стратешка определба - интензивни  вложувања во инфраструктурата на локално ниво, што значи подобар живот. Затоа што кога велиме дека градиме европска држава, пред сè мислиме на европски квалитет на живот и европски животен стандард за сите граѓаните, овде дома, нагласи премиерот Ковачевски. рт/дма/

Остани поврзан