• четврток, 21 ноември 2024

Ковачевски: Се надевам во јуни и јули да бидеме на чекор до решавање на отворените прашања со Бугарија

Ковачевски: Се надевам во јуни и јули да бидеме на чекор до решавање на отворените прашања со Бугарија
Скопје, 20 јануари 2022 (МИА) - Јас се надевам дека во јуни и јули ќе имаме многу подобри односи со Бугарија и дека ќе бидеме чекор до решавање на отворените прашања што ги имаме, истакна премиерот Димитар Ковачевски, нагласувајќи дека пред средбата со неговиот бугарскиот колега Кирил Петков односите меѓу двете земји биле на многу ниско ниво и оти постојано доаѓале негативни пораки и од Софија, но од кај нас од различни пропагандисти. Тој, за средбата со Петков, во интервју за Канал 5 коментираше дека таа поминала во позитивен дух и оти разговарале за враќањето на довербата. - Успешноста на таа средба јас ја гледам низ призма на новиот тон и начин на комуникација којшто што го испративме преку неа, бидејќи средбата помина во еден позитивен дух каде што разговаравме за надминување на проблемите, меѓутоа доминантно разговаравме за тоа на кој начин да ја вратиме довербата и на кој начин да ги вклучиме поголем број, не само на институции, меѓутоа и на чинители од општеството, да може да придонесат кон еден позитивен процес на враќање на доверба, меѓутоа и на градење на проекти коишто се вредни за иднината и за животниот стандард на граѓаните, истакна Ковачевски. Премиерот, околу периодот во којшто смета дека ќе се реши спорот со Бугарија, нагласи дека не се врзува со конкретни рокови. - Јас никогаш не се врзувам со датуми и не се врзувам со конкретни рокови. Јас сум оптимист, но сум рационален оптимист којшто верува во остварување на целта, меѓутоа работи да се оствари таа цел и токму она што го направивме со премиерот на Бугарија Петков е работа во однос на остварување на целта, рече Ковачевски. Премиерот потенцираше дека Министерството за надворешни работи во целиот свој капацитет е во комуникација со МНР на Бугарија и оти тие за сите оние прашања за кои треба да се најде решение  разговараат. - Јас имам еден пристап дека треба да стигнеме брзо до решение, меѓутоа никако да не избрзуваме и затоа и велам дека роковите ми се втор план, а квалитетно решение во коешто ќе се задржи достоинството и на македонските граѓани и на бугарските граѓани и ќе биде донесено во духот на европските вредности во согласност со правилата на ЕУ, тогаш можеме да кажеме дека ќе имаме решение, истакна Ковачевски. Тој уверува дека никој не треба да стравува оти некој ќе направи нешто на штета на националните интереси. - Јас до сега во неколку наврати повторив дека јазикот на државата и идентитетот на народот се нешто за што не се разговара. Тие се дефинирани. Затоа постојат разговори, затоа постои дипломатски процес преку МНР во којшто тие проблеми треба да се решат и тие различни мислења треба да се решат. Секако без да се задира во националните интереси на нашата држава или на Бугарија, почитувајќи ја резолуцијата на македонското Собрание, кога ќе се носи одлуката таа да се носи согласно уредувањето на нашата држава, бидејќи кај нас точно е пропишано кои одлуки ги носи државата, кои Собранието, рече Ковачевски. Премиерот потсети дека е закажана заедничка седница на владите на Северна Македонија и Бугарија во Софија, за која веќе се дефинирани македонските ресорните министри кои ќе учествуваат. - Меѓутоа намерата е да бидат не само политичари вклучени во работата на работните групи којашто ќе се одвива практично на неделно ниво, туку да бидат вклучени и деловните заедници, стопанските комори, претставниците на универзитетите, претставници на младински организации, кои што можат да дадат придонес во зајакнувањето на добрососедските односни, пред се на соработката, посочи Ковачевски. Околу барањата за вметнување на бугарско малцинство во Уставот, премиерот рече дека секогаш ги поддржувал правата на сите помали заедници. - Ние веќе во Уставот имаме заедници, доколку граѓани коишто имаат свое друго определување, а тоа веќе го побараа, Црногорците, Хрватите и граѓаните кои што се определуваат како Бугари, тогаш тоа барање е легитимно да биде дел од процесот за внесување во Уставот. Јас секогаш сум ги поддржувал правата на сите помали заедници. Без разлика која е таа заедница, но постои постапка и постои процедура во државата која што се нарекува уставни измени и трае подолг временски период и е потребен поширок консензус и во рамки на Парламентот. И во еден момент кога ќе влегуваме во ЕУ ние тоа и ќе го направиме со оглед на тоа дека треба да се направат уставни измени. Ние можеме да разговараме за начинот и постапката и моментот кога тоа ќе се прави меѓутоа сепак тоа треба да биде направено низ дијалог внатре во државата и нормално низ разговори кои што ги имаме со Република Бугарија, изјави Ковачевски. Околу новиот македонски амбасадор во Бугарија, премиерот рече дека нема лични фаворити и оти се уште не се знае кој ќе биде амбасадор во Софија. Тој наведе дека му наложил на министерот за надворешни Бујар Османи да направи список на потенцијали имиња за амбасадор во Република Бугарија. - Она што го побарав од министерот Османи е да направи листа на потенцијални кандидати врз основа на квалификации, врз основа на искуство. Тој треба да направи долга листа, потоа се прави кратка листа врз основа на критериуми и потоа заедно и нормално претседателот на државата треба да даде свое мислење, да го избереме најсоодветниот кандидат и амбасадор кој ќе не претставува во Република Бугарија, рече Ковачевски. Во однос на шпекулациите за можни кандидати за амбасадор во Софија, Ковачевски рече тие не се вистинити. - Сакам да ги демантирам тие најави дека било разговарано и сакам да ви кажам уште еднаш дека јас немам личен фаворит, туку тој што ќе биде избран треба да биде фаворит на Република Северна Македонија, нагласи Ковачевски. см/сп/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан