• четврток, 21 ноември 2024

Ковачевски: Никогаш не ги прејудицирам одлуките на претседателот на државата или на претседателот на Собранието

Ковачевски: Никогаш не ги прејудицирам одлуките на претседателот на државата или на претседателот на Собранието

Скопје, 27 мај 2023 (МИА) - Претседателот на државата е правник, тој има искусни правници коишто работат во неговиот кабинет, што јас исклучително ги ценам, и врз основа на анализата која што ќе ја направат за законите кои Собранието веќе ги донесе, претседателот на државата ќе го каже својот финален збор во однос на законските решенија неопходни за реализација на договорот за изградба на автопатите од коридорите 8 и 10д со „Бехтел и Енка“, рече денеска премиерот Димитар Ковачевски. 

-Никогаш не ги прејудицирам одлуките на претседателот на државата или на претседателот на Собранието, тие се посебни власти во државата. Јас лично зборувајќи во мое име сметам дека се работи за закони коишто се потребни заради изградба и тоа не само на овој проект, бидејќи ако ги погледне законите се работи за усогласување на нашето законодавство за побрзо, поевтино и поефикасно проектирање и изведба на инфраструктурни проекти во патната, железничката, гасната и електричната инфраструктура во државата, рече Ковачевски во одговор на прашање при денешната посета на Клиничкиот центар во Скопје. 

Погледнете го, додаде, автопатот Кичево – Охрид, 600 милиони евра се потрошени досега, 10 години се прави, а ниту еден метар автопат нема. 

-Па само камати да пресметате на тие пари да не сте го правеле ќе видите колку ќе имало приходи за државата. Меѓутоа, во тоа време владата на ВМРО-ДПМНЕ одлучила по тој модел да го прави автопатот со кинески изведувачи, а 400 милиони евра е првиот договор. Јас можам да ви покажам документ каде што во последните денови од владата на Груевски додаваат уште 200 милиони и го прават 600 милиони евра да чини и уште нема ниту едно метро автопат направено во државата, појасни Ковачевски. 

Затоа, додаде, со овие законски измени се овозможува да работи најголемиот светски конзорциум за изградба на вакви инфраструктурни проекти. 

-„Бехтел“ не само што ги има направено  најголемите автопати во регионот - Косово, Албанија, Србија нов автопат пуштија во Хрватска пред тоа, подводниот тунел под Ламанш, метрото во Атина. Многу голем број на други инфраструктурни проекти се правени од страна на овој најголем светски конзорциум. Јас сметам дека со законските измени за пет години ние ќе имаме модерен автопат со шест ленти и на Коридорот 8 и на Коридорот  10д помеѓу Прилеп и Битола, потенцира Ковачевски.

Вчера попладне во кабинетот на претседателот на државата се пристигнати петте закони за реализација на договорот со „Бехтел и Енка“. Во следните денови, информираат од Кабинетот на претседателот, ќе бидат разгледани од претседателот Пендаровски и ќе биде донесена одлука дали и кои укази ќе бидат потпишани. вј/ев/

Фото: Влада

Остани поврзан