Ковачевски на Американ колеџ: Членството во ЕУ носи придобивки од секој аспект
- Членството во Европската унија носи придобивки од секој аспект, а од искуствата на земјите кои станале членки во Унијата, видливо е зголемувањето на економската активност, трговијата, зголему
Скопје, 10 мај 2022 (МИА) - Членството во Европската унија носи придобивки од секој аспект, а од искуствата на земјите кои станале членки во Унијата, видливо е зголемувањето на економската активност, трговијата, зголемувањето на странските инвестиции и поголемата вработеност, истакна премиерот Димитар Ковачевски на предавањето што го одржа на Американ колеџ по повод 9 Мај - Денот на Европа.
Пред студентите, Ковачевски нагласи дека иако почетокот на преговорите со ЕУ е одложен после одлуката на Брисел од 20 март 2020 година за безусловно одржување на Меѓувладината конференција за почеток на пристапниот процес за членство во ЕУ, сепак тоа и понатаму останува приоритетна задача за целиот тим на Владата.
- И во овие услови на опструкции во последните три години, Северна Македонија бележи интензивен напредок во делот на евроинтеграциите и доаѓа време тоа да се верификува. Знаеме дека брзината на нашиот напредок ќе зависи од динамиката на реформите, односно од брзината и степенот до кој општеството како целина ќе се вклучи во тие процеси и ќе се реформира, рече Ковачевски.
- И во овие услови на опструкции во последните три години, Северна Македонија бележи интензивен напредок во делот на евроинтеграциите и доаѓа време тоа да се верификува. Знаеме дека брзината на нашиот напредок ќе зависи од динамиката на реформите, односно од брзината и степенот до кој општеството како целина ќе се вклучи во тие процеси и ќе се реформира, рече Ковачевски.
Посочувајќи примери од држави кои станале членки на Унијата, Ковачевски рече дека членството во овие држави донело повисоки стапки на економски раст, намалена невработеност, зголемување на странските директни инвестиции, подобрување на конкурентноста и на надворешно-трговската размена.
- Покрај зголемувањето на економската активност и подобрените економски индикатори, членството во ЕУ вообичаено претпоставува и подобро владеење на правото, политичка стабилност, квалитет на регулативите, пониско ниво на корупција и висок капацитет на институциите и квалитетни услуги за граѓаните, истакна Ковачевски.
Претседателот на Владата Ковачевски потенцираше дека генерацискиот успех на нашата земја со членството во НАТО, треба да биде поттик за отпочнување на преговорите за членство во ЕУ.
Предавањето на премиерот на Американ колеџ е на покана на Универзитетот, каде Ковачевски беше шеф на Катедрата за маркетинг на Факултетот за деловна економија и организациони науки пред да ја преземе функцијата Претседател на Владата на Република Северна Македонија. бак/нд/