• петок, 22 ноември 2024

Најголем дел од средствата од ланското задолжување се искористени за капитални инвестиции

Најголем дел од средствата од ланското задолжување се искористени за капитални инвестиции

Скопје, 10 март 2023 (МИА) - Минатата година ја завршивме со 57 проценти задолжување во однос на БДП, што значи намалување на долгот во однос на претходните години. Најголем дел од средствата се искористени за капитални инвестиции, а стратегијата на Владата е инвестициите да бидат поголеми од дефицитот, истакна премиерот Димитар Ковачевски. 

-Кога зборуваме за задолжување заради капиталните инвестиции во државата, и минатата и оваа година, го следиме главното правило на финансиите, а тоа е инвестициите да бидат поголеми од дефицитот, а задолжувањето да се користи за капитални инвестиции. Минатата година ја завршивме со историски највисоко ниво на капитални инвестиции, 465 милиони евра. Го пуштивме во употреба експресниот пат до Кочани, што е комплетно финално решение од Штип до Кочани. Изминативе пет години направени се 78 градинки во држава, се работеше на голем број објекти во земјоделството, го пуштивме во употреба системот за наводнување Ранковце. Вчера го потпишавме договорот за почеток на изградба на Коридорот 8 и за Коридорот 10д, рече премиерот Ковачевски во интервју за емисијата „Трилинг“.

Изградбата на Коридорот 8 и за Коридорот 10д, како што кажа, е најголемиот инвестициски проект во историјата на државата со вредност од 1,3 милијарда евра, кој во период од пет години ќе биде финансиран од Буџетот.

-Тоа автопатско решение практично ќе биде од Тетово до албанската граница и конечно автопат помеѓу Прилеп и Битола во должина од 40 километри. Тоа е најголемиот инфраструктурен проект којшто ќе биде направен и е од големо значење. Експресниот пат со Бугарија веќе се работи, тоа е сосема нов пат, се проширува и трета лента пред Деве Баир што значи дека конечно по завршувањето на Коридорот 8 заедно со завршениот Коридорот 10 ќе можеме да излеземе не само на солунското пристаниште, туку и на пристаништето во Драч. Тоа е исклучително многу значајно пред сè за компаниите и за економијата, рече Ковачевски во интервјуто.

Во врска со неодамна издадената еврообврзница истакна дека дел од парите од неа се користат за враќање на долг од 2016 година кој треба да се врати до јули годинава, а голем дел од средствата ќе се користат и за капитални инвестиции. вј/нд/

Фото: Влада

Остани поврзан