• петок, 22 ноември 2024

Ковачевски: Континуирано носиме мерки за заштита на животниот стандард и ликвидноста на компаниите

Ковачевски: Континуирано носиме мерки за заштита на животниот стандард и ликвидноста на компаниите

Скопје, 7 ноември 2023 (МИА) – Пивара Скопје, македонска компанија со стогодишна традиција на пазарот, која припаѓа на две големи интернационални семејства, Coca-Cola и Heineken меѓу првите се пријави и ја поддржа мерката на Владата за обезбедување на „гарантирани цени“ со тоа што самостојно ги намалија цените на своите производи на пазарите во државата. Со тоа, оваа компанија, како и многу други ги ублажија инфлаторните шокови на пазарот, но и влијаеја за олеснување на товарот врз семејниот буџет на граѓаните, за што сакам да им упатам благодарност, истакна премиерот Димитар Ковачевски по денешната посета на компанијата заедно со министерот за економија Крешник Бектеши.

Таму имаа средба со менаџментот на компанијата на која се разговараше за владините мерки за намалување на цените и мерката „гарантирана цена“ на дел од пијалаците.

Ковачевски по средбата истакна дека со поддршка на Владата, компанијата преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите, со Договор за инвестиција во нова линија безалкохолни пијалаци, ќе може да го модернизира и проширува своето производство.

-Одговорно, посветено и во континуитет носиме мерки за заштита на животниот стандард на граѓаните и ја одржуваме ликвидноста на компаниите со цел да ја амортизираме економската и енергетската криза која го зафати светот.Обезбедивме солидна основа за континуиран раст на платите и пензиите. Од друга страна, ги замрзнавме и намаливме цените на основните прехранбени продукти, обезбедивме „гарантирана цена“ на производите, а трговците и производителите ги повикавме и сè уште ги повикуваме да ни се придружат во напорите да ја стабилизираме нашата економија, рече Ковачевски.

Премиерот посочи дека резултатите од владините мерки за намалувањето на цените на основните производи веќе даваат ефекти.

 -Очекуваме и дополнително намалување на цените на производите со предложениот Закон за забрана на нефер трговски практики, со којшто ќе се регулираат 26 нефер трговски практики. Со носењето на овој закон влијаеме врз регулирањето на цените на пазарот, но и ги уредуваме условите на трговија со земјоделски и прехранбени производи со цел да нема вештачко зголемување на цените. Оптимист сум дека со сите овие мерки ќе успееме да ја сведеме инфлацијата под 6 отсто до крајот на годината, нагласи Ковачевски.

Министерот за економија Бектеши изрази голема благодарност до Пивара Скопје за нивниот придонес во креирање на мерките на Владата и што им излегоа во пресрет на граѓаните со намалување на цените на дел од нивните производи.

-Согласно статистичките податоци мерките дадоа резултат. Инфлацијата во делот на основните прехранбени производи во октомври е под 2 отсто, а вкупната инфлација е преполовена споредено со претходниот месец. Тоа уште еднаш покажува дека мерките кои ги носиме се во интерес на граѓаните и заштита на животниот стандард, посочи Бектеши.

Тој зборуваше и за новиот закон за нефер трговски практики, за кој кажа дека се изработува во соработка со бизнис заедницата и дека во Министерството за економија веќе ги имаат добиено сите коментари и забелешки за законското решение кое, како што рече, долгорочно ќе влијае на намалување на цените.

 -Завршуваме со разгледување на сите забелешки од коморите и во текот на следната недела финалното предлог решение ќе биде доставено до Владата, а потоа и до Собранието. Целта на овој закон е на долг рок да се намалат цените на основните прехранбени производи и да се заштитат потрошувачите. Носиме одржливи мерки во соработка со бизнисот со цел на партнерски начин да ја подобриме бизнис климата во државата, посочи Бектеши.

Генералниот директор на Пивара Скопје, Душан Митрев рече дека секогаш граделе меѓусебна соработка и партнерство со институциите на државата и со Владата и додаде дека и понатаму ќе продолжат да го прават тоа. 

-Како општествено  одговорна компанија секогаш сме целосно усогласени со сите законски прописи и без исклучок ги почитуваме сите важечки мерки и одлуки на Владата, рече Митрев.

Тој ја поздрави подготвеноста на Владата и Министерството за економија за, како што рече, аргументиран дијалог со бизнис заедницата за изнаоѓање на заеднички решенија кои се во интерес на граѓаните и за мерките што ги преземаат да бидат одржливи за сите чинители во системот, вклучувајќи ги и произведувачите.

-Нашите потрошувачи остануваат наш примарен фокус. Ги почитуваме и ги поддржуваме сите активности кои ги прават нашите производи подостапни за нив, потенцира Митрев. вј/лв/

Фото: МИА

Остани поврзан