• понеделник, 23 декември 2024

Ковачевски: ДКСК доставила документација за директорот на Агенција за филм, но таа треба да биде дополнета

Ковачевски: ДКСК доставила документација за директорот на Агенција за филм, но таа треба да биде дополнета

Скопје, 16 јануари 2024 (МИА) - Премиерот Димитар Ковачевски потврди дека Државна комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) доставила документација до Владата и до Министерството за култура во врска со директорот на Агенцијата за филм Бојан Лазаревски и сите тие документи се проследени до надлежните институции. Но, како што рече, истата треба да биде дополнета бидејќи едно е исплата на финансиски средства, а друго е кој ги користил и на каков начин.

-Тоа што беше доставено од Антикорупциската комисија треба да биде дополнето, бидејќи едно е исплата на финансиски средства, меѓутоа има уште една работа, а тоа е кој ги користил финансиските средства, на каков начин ги користил финансиските средства и дали сето тоа што е опфатено требало да има поголем опфат и доколку немало зошто е направено и заради каква причина, изјави денеска Ковачевски за време на неговата посета на Шуто Оризари, во одговор на новинарско прашање.

Ковачевски рече дека откако ќе биде соберена целата документација, менаџментот во Агенцијата ќе биде третиран согласно законските постапки за разрешување и именување, како што важи за секоја друга институција, без никакво влијание од кого било. Тој потенцираше дека директорот на Агенцијата за филм доаѓа од филмската сфера и не верува дека е под влијание на одредени политичари.

-Постојниот директор, со оглед на тоа што доаѓа од филмската сфера не верувам дека е под влијание на некој функционер, вклучително ни на мене, бидејќи не сме дел од филмска индустрија во државата, ниту сме биле, ниту ќе бидеме. Имам одредени информации кои се од карактер којшто не можам да го кажам на микрофон. Колку што знам и Финансиската полиција таму веќе има отворено постапка, но за ова тие мора да информираат бидејќи предистражните постапки на Финансиската полиција се тајни. Откако ќе биде соберена целата документација менаџментот ќе биде третиран согласно законските постапки за разрешување и именување, како што важи за секоја друга институција, без никакво влијание од кого било, рече Ковачевски. бт/аа/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан