• петок, 22 ноември 2024

Ковачевски - Брнабиќ: Србија ќе се приклучи кон интерконекторот Северна Македонија-Грција (ДПЛ)

Ковачевски - Брнабиќ: Србија ќе се приклучи кон интерконекторот Северна Македонија-Грција (ДПЛ)

Белград,31 март 2023 (МИА) - Премиерот Димитар Ковачевски и српската премиерка Ана Брнабиќ денеска во Белград разговарале за приклучување на Србија на гасоводот што ќе се гради од Грција кон Северна Македонија. 

-Разговаравме и практично веќе е договорено дека гасоводот кој ќе се гради од Грција кон Северна Македонија на него ќе се приклучи и Србија. Ние во текот на минатата недела, со Министерството за економија, со компаниите од нашата држава задолжени за енергетика веќе одлучивме дека капацитетот на тој гасовод ќе биде на максимално ниво со оглед на тоа дека сакаме да обезбедиме капацитет Србија веднаш да може со интерконектор да се поврзе на овој значаен гасовод, истакна премиерот Димитар Ковачевски на заедничката прес-конференција со премиерката Ана Брнабиќ во Белград. 

Како што кажа премиерот, со тоа ќе се обезбеди уште еден извор за снабдување со гас за Србија.

-Тоа значи пристап до гасот кој ќе од ЛНГ терминалите во Витуза и Александрополи како и до постојните гасоводи ТАБ и ТАН, рече Ковачевски.

Дополнително на тоа со оглед на тоа дека нашата држава со овој гасовод и со постојниот кој веќе го поврзавме од Жидилово до Битола, и третиот кој веќе се преговара со нашите стратешки партнери и со соседна Бугарија а тоа е гасоводот Петрич – Струмица, практично ќе значи, нагласи тој, дека кај Неготино ќе има три интерконектори. 

-Раскрсница на три гасоводи што дава можност за изградба на енергетски капацитет којшто според мене и според претседателот на Србија треба да биде регионален проект кој ќе обезбедува производство на електрична енергија за регионот и кој ќе биде заедничко вложување на земјите од регионот. На таков начин прво ќе обезбедиме енергетска стабилност и независност на компаниите и нашите граѓани, рече Ковачевски.

Во однос на испораката на гас од Србија коишто го договараа двете држави пред почетокот на зимата, Ковачевски изјави дека оние кои користеле течен гас го добиле, но дека потребните количини на гас за производство на струја не се испорачале поради технички причини.

-Јас кажав дека Србија која што имаше воведено забрана ја крена забраната со оглед на тоа дека Србија има резервоари за гас. Од нив бевме снабдувани, меѓутоа она што беше во делот на снабдување со гас каде што ќе се произведува електрична енергија и за потребите на Северна Македонија и за Србија, не можеше да се реализира од објективни причини со оглед на намаленото снабдување и цените коишто беа нестабилни на берзите, во текот на целиот зимски период и затоа сопствениците на гасната централа во Скопје успеаја да обезбедат аранжман преку друг снабдувач со гас, произведуваа електрична енергија која што се продаваше на слободниот пазар, рече Ковачевски.

Дел од таа електрична енергија, како што кажа, беше продавана на слободниот пазар во Северна Македонија, дел во Албанија и дел во Србија во време кога имаше недостатоци во пик- периодите. 

Во насока на оваа соработка денеска во Белград ресорните министри на двете држави потпишаа меморандуми за соработка во рударството и енергетиката, но и за подобар проток на лица и стоки и електронски систем за патарина.

Меморандумот, како што информираат од владината прес-служба, ќе го олесни движењето на лица и стоки преку државната граница, особено преку граничниот премин Табановце-Прешево, и ќе придонесе

Ковачевски потенцира дека Меморандум за соработка е потпишан меѓу двете министерствата за внатрешни работи се работи на олеснување и забрзување на протокот на луѓе, производи и возила на граничниот премин Табановце-Прешево.

-Тоа значи дека прво ќе се работи на проширување на самиот граничен премин, на зголемување на бројот на полициски службеници, трето на воведување на софтверско решение за една контрола на возилата со кои поминуваат граѓаните на Северна Македонија и Србија како и воведување на мобилни читала каде што ќе може полициските службеници да можат побрзо да ги спроведуваат граничните контроли. Целта е да имаме 50% зголемен проток и забрзан на возила на овој граничен премин. Дополнително се отвораат и нови гранични премини на кои што исто така ќе се зголеми дополнително протокот меѓу нашите две држави, рече Ковачевски.

Одговарајќи на новинарско прашање рече дека му е омилено прашање, бидејќи според него „нема поголема глупост од границите на Балканот“.

-Ние сме биле држави кои меѓу себе единствени немале граници, а сега сме единствени кои меѓу себе имаат граници. Значи, ако излезете на северот од овде на само 200 километри од тука, дали се и двеста е прашање, граници нема до Скандинавија. А ако сакате да отидете на Балканот на секои 100 километри имате граници. И затоа ако некои проекти не сакам, кога ќе ми дојдат од ЕУ за финансирање, тоа е унапредување на гранична контрола. На нас не ни требаат граници. Јас Балканот, Западниот Балкан го замислувам како регион без граници интегриран во ЕУ.  Границите кои што во моментов постојат меѓу земји коишто имаат безцарински режим помеѓу себе коишто имаат пријателски односи единствено се извор на корупција и на ништо друго, рече Ковачевски.

Меморандумот што го потпишаа министертвата за транспорт се однесува на вмрежување на системите за електронска наплата на патарините.

-Со ова М-ТАГ картичките кои важат во нашата држава и електронските картички кои важат во Србија со софтверско решение ќе бидат поврзани и веќе нема да мора да се прават тесни грла на патарините особено во туристичката сезона или во време на празници, туку ќе можат со истиот таг кој ќе биде поврзан со нивните кредитни картички да ги плаќаат своите сметки, без задржување да поминуваат и во Србија и во Северна Македонија, рече премиерот Ковачевски.

На заедничката прес-конференција со Брнабиќ, премиерот Ковачевски ја истакна заложбата и силната политичка волја на нашата Влада за зајакнување и продлабочување на добрососедските и пријателски односи со Република Србија, во политички, економски и во сите други аспекти на соработка.

-Нашите денешни разговори се уште една силна потврда за одличната и пријателска соработка која што ја имаат нашите две држави и која соработка во овој момент е на највисоко ниво откако станавме практично независни држави. Ние помеѓу нас немаме ниту едно отворено прашање, немаме ниту еден нерешен проблем. Меѓу нас имаме само разговори за успешна соработка за подобра иднина на двете држави и граѓаните на двете држави, рече Ковачевски.

Ја истакна силната политичка волја на нашата Влада да продолжиме во негување, зајакнување и продлабочување на добрососедските односи кои ги имаат нашите две држави и нашите граѓани. Нашите билатерални односи се без отворени прашања и нашата соработка во овој момент е сестрана и исклучително развиена.

-Разговаравме за многубројните проекти кои се во тек и трасиравме пат за отворање на нови иницијативи на заедничка соработка во иднина, рече Ковачевски.

Нашите две Влади, како што кажа, се силно ориентирани да го подигнат економскиот и социјалниот стандард на граѓаните, а на бизнис заедниците да им овозможат квалитетно и ефикасно да работат и своите бизнис планови да ги реализираат во разумен, побрз рок од она што сме го имале во минатото.

-Одличната соработка помеѓу двете држави носи квалитетни решенија во различни кризи, што за нас е голем стимул уште посилно да се вложуваме за стабилен и просперитетен Западен Балкан, вели Ковачевски.

Во однос на енергетската криза, потсети дека пред зимата кажал дека клучот на успехот е заедничка соработка и помагање во време на таква енергетска и економска криза.

-На крајот се испостави точно тоа што го кажав, дека ниту една држава од Отворен Балкан немаше рестрикции на струја, имавме непречен проток на храна, имавме непречен проток на суровини и непречено снабдување со електрична енергија, по цени кои не претставуваа зголемување на цените на електрична енергија како што беа цените на европските берзи за електрична енергија, посочи Ковачевски.

Северна Македонија, рече тој, покажа дека не отстапува од стремежите да ги оствари своите стратешки цели како во одржување на добрососедските односи, така и во посветеноста на зачленувањето на земјата во ЕУ.

-Северна Македонија и Србија припаѓаат на демократскиот и слободен дел од Европа. И како што ние, земјите од Западен Балкан имаме интерес да бидеме членки на ЕУ, така и ЕУ има интерес на Балканот да нема регионални конфликти, да има стабилност, да има економски стабилни држави кои ќе се развиваат и ќе се усовршуваат, на демократски, административен, политички и безбедносен план, рече премиерот.

Осврнувајќи се на иницијативата Отворен Балкан рече дека со зголемувањето на трговската размена се зголеми извозот на производи од Северна Македонија во Србија со што Северна Македонија го намали трговскиот дефицит што го имавме со Србија.

-Со формирањето на Отворен Балкан бројот на туристите кои што доаѓаат од Србија до Северна Македонија, 2021 во однос на 2020 година е зголемен за 250% , а бројот на туристи кои дошле во нашата држава од Србија 2022 во однос на 2021 е зголемен за 500%. Верувам, дека ако се направат анализи во Србија иста ќе биде бројката во зголемувањето на македонските туристи кои што доаѓаат и ги поминуваат празниците тука, во Србија, рече Ковачевски.

Според него, нашите граѓани и бизнис заедниците веќе ја чувствуваат користа од она што го понудивме преку сите овие иницијативи, падна роамингот меѓу земјите од Западен Балкан, а од пред неколку месеци транспортните камиони на граничните премини Ќафасан со Албанија и Табановце со Србија се движат со минимално време на чекање.

Ковачевски исто така посочи дека дека е особено горд што пред две недели, во Охрид бил домаќин на дијалогот кој се одвиваше под покровителство на ЕУ, а со поддршка на САД.

-Целосно ја разбирам чувствителноста на ова прашање за Србија и затоа сакам повторно да го поздравам и визионерството и храброста на претседателот Вучиќ, бидејќи нашата единствена цел е да носиме одлуки кои значат добробит, благосостојба на граѓаните и членство во ЕУ. Тешките, државнички одлуки се оние кои носат прогрес, а кои што се базирани на принципите на заштита и на националното меѓутоа и на напредок на граѓаните кон подобар живот, рече премиерот.

Во недела, кажа Ковачевски, претседателот Вучиќ и премиерот на Албанија Еди Рама заедно ќе бидат присутни во Италија на најголемата винска саемска манифестација на којшто ќе имаме штанд „Винска визија на Отворен Балкан“ на која што ќе се претстават најдобрите винарии од нашите држави и кои ќе значат пак зголемување на производството и на извозот на овој значаен производ и за Северна Македонија и за Србија.

Во крајот на третиот квартал и почетокот на четвриот, пак, ќе се одржи големиот меѓународен саем на вино во Белград, а до тогаш ќе има и други активности кои ќе бидат направени меѓу трите земји и оваа иницијатива е отворена за сите други земји од Западен Балкан.

Премиерот Ковачевски претходно денеска имаше средба со српскиот претседател Александар Вучиќ, а официјалната посета ја завршува со средба со претседателот на српскиот Парламент. ев/аа/

 

 

Остани поврзан