• петок, 05 декември 2025

Коалиција „Менуваме“: Системски проблеми во услугите за лична асистенција, ќе побараме состанок со министерот Лимани

Коалиција „Менуваме“: Системски проблеми во услугите за лична асистенција, ќе побараме состанок со министерот Лимани

Скопје, 20 август 2025 (МИА) - Тековните предизвици со кои се соочуваат лицата со попреченост, личните асистенти и лицата што се грижат за нив во Македонија биле тема на дискусија на вчерашниот состанок што се одржал во канцеларијата на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, информира Коалицијата „Менуваме“.

Во фокус на состанокот, како што се наведува, беше нерешеното прашање за доцнење и неисплатена компензација за лични асистенти и лица кои се грижат за нив за месеците мај, јуни и јули 2025 година.

- Учесниците во дискусијата - вклучувајќи лица со попреченост, лични асистенти, лица кои се грижат за нив и претставници од Коалицијата „Менуваме“ - изразија сериозни загрижености во врска со: нередовни и доцнења во исплатата на платите, неуспеси во испораката и координацијата на услугите, несоодветен и отфрлувачки третман на личните асистенти и лицата кои се грижат за нив од страна на институционалните претставници и нејасни структури и нерешени прашања во рамки на сегашниот систем на услуги за поддршка, се вели во соопштението.

Фокус групата едногласно се согласила да достави формален допис на загрижености и предложени решенија до Министерството за социјална политика, демографија и млади.

- Официјално ќе побараме состанок со министерот Лимани и заменик-министерот Велковски за решавање на овие итни прашања. Оваа иницијатива претставува колективен повик за поголема одговорност, транспарентност и почитување на правата на лицата со попреченост и оние кои ги поддржуваат, стои во соопштението. мд/вј/

Фото: Коалиција „Менуваме“

Остани поврзан