• недела, 22 декември 2024

Климатски активисти со синџири и факели го затворија Рајксмузеум во Амстердам

Климатски активисти со синџири и факели го затворија Рајксмузеум во Амстердам

Амстердам, 7 септември 2024 (МИА) - Амстердамскиот Рајксмузеум денеска одлучи да ги затвори своите врати за посетители „до понатамошно известување“, реагирајќи на блокадата од страна на активисти на климатската група Extinction Rebellion (XR), кои се врзаа со синџири за влезот во музејот и запалија жолти факели за да спречат влез на посетителите во еден од најпознатите холандски културни простори.

– Наш приоритет е безбедноста на посетителите, персоналот и уметничката збирка, изјави портпаролот на музејот, додавајќи дека секоја активност што го загрозува тоа - е неприфатлива. 

Климатските активисти велат дека нивната цел е да ја принудат управата на музејот да ги прекине врските со главниот спонзор, банката ИНГ. Активистите на XR ја обвинуваат ИНГ за вмешаност во финансирање на проекти што штетат на климата. Организацијата истакна дека блокадата ќе продолжи додека не бидат исполнети нејзините барања.

Музејот, во кој се наоѓа огромна и вредна збирка на уметнички дела, меѓу кои и „Ноќната стража“ на Рембрант, секојдневно привлекува илјадници посетители од целиот свет.

– Несватливо е дека Рајксмузеум може да дозволи да биде финансиран од ИНГ, најголемиот финансиски поттикнувач на климатската криза, изјави портпаролот на XR.

Тој додаде дека XR смета дека музејот му дозволува на големиот загадувач да го скрие своето лице зад познатите уметнички дела од холандската историја.

Портпаролот на ИНГ одговори дека доколку XR има проблем со политиката на финансирање на ИНГ, организацијата треба да се обрати директно до Банката, а не до Рајксмузеум. Тој додаде дека ИНГ секогаш е отворена за дијалог.

XR долго време води кампања против финансирањето на она што го смета и нарекува „индустрија на фосилни горива“.

Членовите на XR, меѓу другото, повеќепати ја блокираа амстердамската обиколница А10 во близина на поранешното седиште на ИНГ. ссм/

фото: ЕПА

Остани поврзан