Кларк: Договорот на Србија и Косово е корисен само со намалено влијание на Кина и Русија
- Поранешниот командант на НАТО Весли Кларк изјави дека договорот за економска нормализација на Србија и Косово може да биде исклучително корисен само доколку се намали влијанието на Кина и Рус
Вашингтон, 2 октомври 2020 (МИА) - Поранешниот командант на НАТО Весли Кларк изјави дека договорот за економска нормализација на Србија и Косово може да биде исклучително корисен само доколку се намали влијанието на Кина и Русија во регионот.
- Мислам дека секоја можност за преговори, особено под покровителство на Соединетите Американски Држави, е позитивен чекор, како и секоја можност да се преземат мерки за економски развој е поволна околност. Сепак, тоа е процес што трае скоро две децении и е полн со тешкотии, кои сè уште се далеку од решение, изјави Кларк за Гласот на Америка.
Големите странски инвестиции понекогаш носат со себе, како што рече Кларк, „политички опашки“.
- Јас многу внимателно го следам моделот на странски инвестиции што доаѓаат во Србија од Русија, Кина и некои други земји. Ги следам и политичките последици од тие инвестиции. Верувам дека косовската влада ќе го земе ова предвид во својата политика, рече американскиот генерал во пензија.
Во однос на прашањето за пристапот на српскиот претседател Александар Вучиќ, честопати нарекуван „политика која се потпира на четири столба“ - Вашингтон, Брисел, Пекинг и Москва - Кларк рече дека „за Србија ова може да биде изводливо само доколку претседателот Вучиќ може да го контролира влијанието на странските инвеститори преку неговите безбедносни служби“.
- Кога Русија и Кина инвестираат, тие за возврат очекуваат одредена политичка отстапка. Таквиот пристап е проблематичен и од гледна точка на Европската унија, додаде тој.
Според него, Западен Балкан е руска сфера на интерес, „која тие сакаат да ја повратат и контролираат, а откако ќе ја преземат контролата, на другите им ги негираат прерогативите на слободата“.
- Ние Американците не веруваме во сфери на интерес. Нашиот пристап е дека секој народ треба да работи во негов најдобар интерес и земјите да соработуваат во изнаоѓање заеднички интереси, никогаш да не бараат сфери на влијание, изјави поранешниот врховен командант на НАТО за Гласот на Америка. паг/