• петок, 22 ноември 2024

Кисела Вода ќе субвенционира набавка на огревно дрво

Кисела Вода ќе субвенционира набавка на огревно дрво
Скопје, 10 октомври 2022 (МИА) - Општина Кисела Вода за своите жители обезбедува субвенции за набавка на огревно дрво. Како што информираат од општината, во подготовка е јавен повик, на кој ќе можат да аплицираат сите оние кои набавиле ваков енергенс за загревање од април годинава, се до моментот на објавата на повикот. По 500 денари за еден кубен метар огревно дрво ќе се исплаќа на апликантите, кои пак ќе треба да достават доказ за купената количина дрво. Исплатата ќе се врши по принципот прв дојден, прв услужен, се до исцрпување на средствата, обезбедени од Буџетот на општината во висина од  1.200.000,00 денари.

-Ова е само уште една од сетот мерки за поддршка на граѓаните кои Општина Кисела Вода ги презема пред почетокот на грејната сезона во услови на големи зголемувања на трошоците за живеење, а посебно на енергенсите. Минатата недела статуваше проектот „Грижа и сигурност за секое дете”, кој содржи социјални мерки за финасиска поддршка на социјано загрозените и еднородителските семејства: ослободување од партиципација за трошоците за згрижување во јавните детски градинки, субвенционирање на дел од цената за месечниот оброк за ученици од прво до трето одделение во основните општински училишта, како и бесплатни курсеви за странски јазици, информатика и спорт за дечињата од социјален ризик, се наведува во соопштението од општината.

Претходно, Општина Кисела Вода обезбеди донација за субвенционирање на сметките за електрична енергија на социјално загрозените семејства, го реализираше проектот„Ранче за секое прваче” со кој се обезбедија чанта, тетратки и училишен прибор за сите првоодделенци, а минатата седмица беа исплатени и субвенции за печки на пелети.

-Грижата за граѓаните и преземањето на мерки за ублажување на сиромаштијата со која секојдневно се соочуваат се поголем број на семејства, останува да биде во фокусот на Општина Кисела Вода, со цел заеднички да се надмине овој тежок период, се наведува во соопштението. дма/са/

Остани поврзан