Киев и други украински градови погодени од руски напади во текот на ноќта, над 20 повредени
- Неколку украински градови, вклучувајќи го и главниот град Киев, беа погодени од руски напади во текот на ноќта, само неколку часа пред да почнат новите американско-украински разговори во Швајцарија за завршување на војната, при што над 20 лица беа повредени.
Киев, 26 февруари 2026 (МИА) - Неколку украински градови, вклучувајќи го и главниот град Киев, беа погодени од руски напади во текот на ноќта, само неколку часа пред да почнат новите американско-украински разговори во Швајцарија за завршување на војната, при што над 20 лица беа повредени.
Во центарот на Киев во текот на ноќта се слушнаа неколку експлозии. Според шефот на локалната воена администрација, Тимур Ткаченко, главниот град бил нападнат со дронови и балистички ракети. 20-ина лица биле повредени на југот и на истокот од земјата. Сè уште не е познато точно колку дронови и ракети биле употребени.
Три области на главниот град биле погодени, изјави градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, на „Телеграм“. Урнатините оштетиле деветкатна станбена зграда, но немало повредени, според истиот извор.
Неколку други големи градови биле нападнати во текот на ноќта толку многу што соседна Полска ги мобилизирала своите воздухопловни сили за да го обезбеди својот воздушен простор, изјавија полските вооружени сили на „Икс“. Североисточниот град Харков бил погоден од дронови и ракети, изјави неговиот градоначалник Игор Терехов повикувајќи се на експлозии.
Вкупно 14 лица се повредени во градот, втор по големина во земјата, пред почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година, и во соседното село, вклучувајќи и едно седумгодишно дете, според Олег Синегубов, началник на локалната воена администрација.
Најмалку седум лица се повредени во градот Запорожје, според Иван Федоров, началник на регионалната администрација. Повеќе од 500 дома останаа без греење, а 19 згради беа оштетени, рече тој.
Две лица се повредени во нападот врз Криви Рих, според началникот на регионалната администрација на Днепропетровск, Олександр Ганџа.
Се очекува украинските и американските претставници да се сретнат денеска во Женева, Швајцарија, за да работат на нови трилатерални разговори со Русија, со цел да се стави крај на конфликтот, кој влезе во својата петта година во вторникот. мс/јт/
фото: ЕПА архива