• сабота, 06 јули 2024

Керим - Савада: Подобра промоција за зголемување на туристичката размена со Јапонија

Керим - Савада: Подобра промоција за зголемување на туристичката размена со Јапонија
Скопје, 22 октомври 2022 (МИА) - Постои голем туристички потенцијал во земјава. Со подобра промоција на туристичката понуда и можности, значително ќе се зголеми бројот на туристи кои од Јапонија доаѓаа во нашата земја и обратно, констатираа денеска на средбата претседателот на Туристичко-угостителска комора и потпретседател на Сојузот на стопански комори задолжен за меѓународна соработка, Аркан Керим и амбасадорот на Јапонија, Хиронори Савада. Темата на средбата беше туристичкиот потенцијал, видовите туризам и можностите за инвестирање во овој сектор. На средбата Керим посочил дека Сојузот и Јапонската амбасада споделуваат исти цели за продлабочување на соработката во туристичката индустрија и подготвени се заедно да работат на унапредување на состојбите.

-Во таа насока истакнавме иницијатива за организирање на Недела на Кензо Танге во Скопје на која ќе биде презентирани и јапонскитe туристички производи. Иницијативата може да опфати и други градови покрај главниот град. Одлично ќе биде овој настан да го направиме на улица Македонија во април кога цветаат јапонските цреши, истакна Керим.

Исто така, на средбата беа договорени идните чекори за развој на активниот, културниот и винскиот  туризам во двете земји и овозможување на поголема поддршка за промоција и вмрежување на приватниот туристички сектор.

-Трендот на туристичкиот пазар од Далечниот исток цели кон вмрежување на земјите од Балканот и нивно заедничко претставување на трети пазари. Тоа е  одлична можност за Македонија. За подобра презентација на македонскиот туристички потенцијал во Токио ќе воспоставиме соработка со деловните мрежи во Јапонија и туроператорите, додаде Керим.

Со цел унапредување на соработката и во другите сектори на стопанството, Керим информираше дека Сојузот на стопански комори ќе потпише меморандуми за соработка со стопански комори во Јапонија и ќе се организираат деловни настани за вмрежување на компаниите и за поттикнување на јапонски инвестиции во нашата земја.

Со цел подобро искористување на туристичките потенцијали на Дојранското Езеро, Керим на средбата предложи да се искористат јапонски искуства и експертиза за подобрување на квалитетот и безбедноста на водата во езерото. бт/нд/

 

Остани поврзан