• петок, 20 декември 2024

Кевин Спејси се здружи со продуцентската куќа што го тужеше, заради осигурување и отштета од 150 милиони долари

Кевин Спејси се здружи со продуцентската куќа што го тужеше, заради осигурување и отштета од 150 милиони долари

Лос Анџелес, 9 февруари 2024 (МИА) - Глумецот Кевин Спејси постигна договор со продуцентската куќа „МРЦ“ којашто стои зад ТВ-серијата „Куќа од карти“ (House of Cards) и на која требаше тој да ѝ плати 31 милион долари.

Според спогодбата, Спејси ќе плати само милион долари, а за возврат ќе ја поддржи „МРЦ“ во нивната правна битка со Осигурителната компанија „Фајрмен'с фанд“ од САД. Новите тврдења на „МРЦ“ се дека во тоа време, веќе не можело да се смета на Спејси, оти тој бил болен и не можел да се врати на снимањето на серијата. Тоа може да ја активира полисата за осигурување и „МРЦ“ да добие 150 милиони долари.

Според новите наводи, Спејси не ја напуштил серијата поради вознемирување - како што се тврдеше претходно, туку поради негова болест и лекување.

Целиот случај почна со тврдењето на „МРЦ“ дека поради заминувањето на Кевин Спејси од серијата, морале да го скратат времетраењето на серијата и да ја преснимаат последната сезона во којашто Спејси веќе не глуми претседател на САД. Во 2021 година, Судот одлучи дека Спејси мора да ѝ плати 31 милион долари на „МРЦ“ како резултат на негово прекршување на договорот во врска со какво било вознемирување за време на снимањето. Поради ова, последната, шеста сезона, беше скратена од 13 на осум епизоди, а хонорарот на Спејси не му беше целосно платен.

Спејси ја обжали оваа пресуда со цел да постигне спогодба. Неговиот долг, во меѓувреме, со камата се зголеми на 36,5 милиони долари. Тој се согласи да плати само милион долари, по што остатокот од долгот ќе биде избришан. Во замена, глумецот и „МРЦ“ ќе приложат документи дека Спејси се лекувал во клиниката „Медоус“, поради зависност од секс. Сѐ тоа, наводно, треба да биде доволно за активирање на шестцифрената полиса за осигурување.

Филмската компанија и пред година и пол ја тужеше осигурителната компанија од истите причини. Судот го отфрли случајот, но им даде шанса на тужителите - да докажат како болеста го спречила Спејси да се врати на снимањето на серијата. Во декември „МРЦ“ се здружи со Спејси, кој дотогаш не сакаше да ги покаже своите медицински досиеја.

Осигурителната компанија веќе одговори на новите тврдења, велејќи дека тоа е во спротивност со претходните тврдења дека бил отпуштен поради сексуално вознемирување на член на актерската екипа. „МРЦ“ аргументира дека стрим-платформата „Нетфликс“ навестила дека веќе нема да ја прикажува серијата доколку Спејси не биде отпуштен.

Ова е точно, бидејќи „Нетфликс“ во ноември 2017 година објави дека нема да ги емитува следните епизоди од серијата ако Спејси глуми во нив. Адвокатите на Кевин Спејси тогаш наводно испратиле е-пошта до „МРЦ“ каде што се наведува дека Спејси не е болен, како што тврдеше „МРЦ“ во тоа време. Судењето ќе почне во јуни годинава.  си/ссм/

Фото: ЕПА

Остани поврзан