• понеделник, 18 ноември 2024

Караџовски: Нашите атлети одат по медали на Специјалната олимпијада во Берлин

Караџовски: Нашите атлети одат по медали на Специјалната олимпијада во Берлин

Скопје, 9 јуни 2023 (МИА) - Во Агенцијата за млади и спорт денеска се одржа прес-конференција по повод заминувањето на нашите спортисит на Специјалната олимпијада во Берлин, што ќе се одржи од 17 до 26 јуни. „Дозволи ми да победам, ако не можам дозволи ми да бидам храбар во обидот“ е слоганот на Специјалната олимпијада.

Како што изјави националниот директор на Специјалната олипијада Драган Караџовски, иако слоганот не е натпреварувачки, нашите атлети сепак одат во Берлин со цел да освојат медали. За овој настан се подготвувале две години.

Караџовски појасни дека во Берлин ќе оди делегација од 30 лица, од кои 19 се атлети, а останатите доктори, водачи на делегацијата, тренери и партнери.

Тој информираше дека нашата држава ќе се натпреварува во пет дисциплини - пливање, кошарка, бадминтон, тенис и во атлетика. На Специјалната олипијада ќе настапат тројца пливачи, двајца атлетичари, тимови во бадминтон и пинг-понг, како и кошаркарска репрезентација.

Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсовски нагласи дека нашата држава на овој настан се претставува уште од 2003 година, точно седумнаесет години.

- Честа и задоволството се наши овие млади атлети да ги испратиме, да им посакаме, пред сѐ, здравје, успешен настап и секако да ни се вратат со големи успеси, со медали, додаде Мојсовски.

На новинарско прашање околу ваучерите за финансиска помош на спортистите, Мојсовски одговори дека оваа година, финансиската помош се одвива како и изминатите и оти во февруари се префрлени средства од 10 милиони евра за таа намена. Тој нагласи дека од наредната година ќе има промени во исплаќањето на средствата.

Мојсовски истакна дека од следната година наместо преку фирми, средствата директно ќе ги префрла државата и исплатата ќе се извршува двапати годишно.

- Веќе законот е сменет, останува уште да се усвои во Собрание и се надевам дека од 1 јануари 2024 година, тие средства директно ќе се слеваат и на спортистите, клубовите и на федерациите, изјави Мојсовски, изразувајќи надеж дека наредната година средствата ќе ја достигнат сумата од 12 до 15 милиони евра.

Од Специјалната олимпијада беше изразена благодарност на Агенцијата за млади и спорт, на „НЛБ банка“, „Горска вода“ и на останатите спонзори. бд/сан/

Фото: МИА

Остани поврзан