• четврток, 26 март 2026

Кандидатите за градоначалник на Дебар на одвоени средби со дебарскиот муфтија

Кандидатите за градоначалник на Дебар на одвоени средби со дебарскиот муфтија

Дебар, 19 септември 2025 (МИА) – Кандидатите за градоначалник на Дебар, пред официјалниот почеток на кампањата за локалните избори, што ќе се одржат на 19 октомври, остварија одделни средби со дебарскиот муфтија, Решат ефенди Качалнику.

Денеска во седиштето на муфтиството беше независниот кандидат за градоначалник, Рамадан Имери и носителот на советничката листа, Дргим Каја.

„Денес ја започнавме нашата кампања од светиот храм, како симбол на вера и посветеност. На официјалната средба со муфтијата разговаравме за предизвиците и можностите со кои се соочува нашата заедница. Овој почеток е доказ за нашата посветеност да бидеме блиску до граѓаните, внимателно да слушаме и да нудиме одржливи решенија, напиша Имери во објава на Фејсбук.

На средба со муфтијата деновиве бил и Фисник Меља, кандидат на ВЛЕН.

„Привилегија е да се разговара и советува со дебарскиот муфтија во присуство на претседателот на Алтернатива, Зеќирја Ибрахими, и претседателот на Собранието на Северна Македонија, Африм Гаши. Нивното знаење, надвор од претставувањето што го имаат, дава можност полесно да се разберат проблемите со кои се соочува населението и нивното решавање! Господ да го благослови Дебар, напиша Меља.

Во седиштето на муфтиството бил и кандидатот на коалицијата Националната алијанса за интеграција (НАИ), Илирјан Фетаху, носителот на листата за советници, Артин Спахиу и градоначалникот Хекуран Дука, кои како што објави Фетаху, имале срдечна, братска средба со муфтијата.

„На средбата беа разгледани теми од значење за заедницата, улогата на религијата во зајакнувањето на моралните и општествените вредности, како и можностите за соработка меѓу верските и општинските институции. Му благодариме на муфтијата за неговото гостопримство и вредните мисли што го делат нашиот заеднички пат за пообединет и поодржлив Дебар, напиша Фетаху.

Во врска со средбите, Качалнику изјави дека Муфтиството не се меша во политиката, дека средбите се одржале на барање на кандидатите, кои во исто време се граѓани и верници на ова муфтиство, кое е секогаш оторено за секој верник и добронамерен граѓанин. вт/дма/

Фото: Имери/ Меља/Фетаху ФБ

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан