• среда, 25 декември 2024

Калин: Путин има две категории барања за прекин на војната

Калин: Путин има две категории барања за прекин на војната
Лондон, 18 март 2022 (МИА) - Советникот на турскиот претседател Ибрахим Калин за Би-би-си изјави дека при денешниот телефонски разговор турскиот премиер Реџеп Тајип Ердоган бил информиран од неговиот руски колега Владимир Путин за барањата на Москва за завршување на инвазијата врз Украина. - Руските барања спаѓаат во две категории. Првите четири барања за Украина не се премногу тешки за исполнување, истакна Калин. Главно барање е Украина да биде неутрална и да не поднесе барање за влез во НАТО. Потоа, Украина да помине низ процес на разоружување за да се осигури дека не претставува закана за Русија. Трето барање е заштита на рускиот јазик во Украина, а четврто тоа што Русите го нарекуваат денацификација. - Втората категорија барања, како што истакна Калин, можно е да наиде на проблеми. Путин во телефонски разговор со Ердоган навел дека ќе бидат потребни директни преговори меѓу него и претседателот Зеленски пред да се постигне договор за тие точки. Зеленски веќе изјави дека е подготвен да се сретне со рускиот претседател и да преговара со него. Калин без да наведе детали истакна дека во втората категорија барања се за статусот на Донбас, како и прашањето за Крим, кој е анектиран од Русија во 2014 година. ми/

Остани поврзан