• понеделник, 27 јануари 2025

Калас: Секоја Американска администрација има свој стил, мора да се прилагодиме на тоа  

Калас: Секоја Американска администрација има свој стил, мора да се прилагодиме на тоа  

Брисел, 27 јануари 2025 (МИА) – Европската Унија е секогаш подготвена да соработува со секоја Американска администрација и очекувам многу добра соработка со новите власти во САД, изјави денеска високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас. 

- Се разбира, стилот на различни администрации е различен и ние треба да ги прилагодиме нашите методи на работа со тоа, порача Калас при пристигнувањето на заседанието на Советот за надворешни работи на ЕУ во Брисел.  

Калас најави дека очекува на денешното состанок министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ да усвојат патоказ за олеснување на санкциите кон Сирија, порачувајќи дека во однос на оваа држава Унијата го применува пристапот „чекор по чекор“.  

- Ако гледаме дека прават чекори во вистинска насока, тогаш и ние сме подготвени да направиме соодветни чекори од наша страна, порача високата претставничка на ЕУ. 

Калас додаде дека во однос на Сирија, ЕУ тесно соработува со регионалните и меѓународните актери, подготвена е да отвори свое претставништво во Дамаск и внимателно следи што се случува, оставајќи им простор на новите власти да ги направат вистинските чекори. 

- Иднината на Сирија е кревка, но треба да се надеваме, додаде Калас. 

Таа оцени и дека Договорот за прекин на огнот во Газа е прв чекор кон изградба на траен мир, цел кон која ЕУ посветено работи помагајќи им на Палестинците во Газа. Калас најави дека ЕУ е подготвена да ја прераспореди својата мисија на граничниот премин Рафа за да се овозможи полесен проток на хуманитарната помош за Газа. 

- Газа и луѓето во Газа претрпеа многу. Мислам дека и Палестинците и Израелците заслужуваат мир и затоа навистина треба да преминеме од прекинот на огнот кон траен мир. Затоа Европа е голем поддржувач на решението за две држави. Го поддржуваме правото на Израел на безбедност, но и правата на Палестинците, рече Калас. 

Таа потенцира дека Европа е најголемиот поддржувач на Газа со хуманитарна помош, но и на УНИРВА и дека ќе продолжи да ги поддржува луѓето. 

Калас додаде дека на денешната средба ќе се разговара и за случувањата во Украина, нагласувајќи оти смета дека ЕУ може да изврши поголем притисок врз Русија за ставање крај на војната . Според неа, добро е и што американскиот претседател Доналд Трамп „изврши притисок“ врз Русија со пораката дека во нивни раце е одлуката за прекин на конфликтот. 

Шефицата на европската дипломатија истакна и дека е потребно да се подигне свеста за хибридните закани и активности што се случуваат низ цела Европа, па затоа ЕУ мора да види што може да направи повеќе за нивно избегнување. 

Калас потсети дека синоќа организираше вечера за министрите и за белоруската опозициска лидерка Свјатлана Циханускаја, на која се разговарало за вчерашните „срамни избори“  во Белорусија, нагласувајќи дека ЕУ стои зад белорускиот народ и дека земјата е „високо на европската агенда“. сп/

Фото: Скриншот

Остани поврзан