• петок, 15 ноември 2024

Кавадарчанец пријавил во полиција дека колега од работа земал кредит во негово име, добил и закани по живот од блиски на колегата

Кавадарчанец пријавил во полиција дека колега од работа земал кредит во негово име, добил и закани по живот од блиски на колегата
Кавадарци, 5 јули 2021 (МИА) -  Кавадарчанец пријавил во полиција дека колега од работа земал брз кредит во негово име, добил и закани по живот од блиски на колегата. Од неговата трансакциска сметка, колегата испразнил над илјада евра. Овој случај на измама  го потврдија за МИА и измамениот кавадарчанец и МВР. -Дај ми ја и твојата лична карта за да можам со две лични карти да земам два пакета што се даваат како помош за социјално загрозени семејства. Така ми рече. Ама требало и здравствен број, дај ми ја и твојата здравствена книшка, додаде. После тоа, ми ја побара и банкарската картичка за банкомат,  за, наводно, тетка му од Србија да му прати пари. Оти неговата не била активна. Ми го побара и мобилниот телефон и цело време беше кај него, оти сопругата требаше да му се породи. Јас наивен, му верував и во интерес на колегијалноста, му помагав. Тој пак, ја искористил мојата наивност и во мое име си подигнал некојси брз кредит. А ни на крај памет не се ни посомневав дека вакво нешто може да се случи. Случајот го пријавив во полиција, откако ми стигна писмо дека должам рата за кредит што не сум го подигнал самиот, ами колегата во мое име,  раскажа кавадарчанецот за тоа како бил измамен. Сега, како што нагласи, останал и без својата заштеда во ова тешко време и услови на пандемија во светот, а деновиве добил и закани по животот. -За малку ќе не истепаа додека бевме со сопругата, петмина. Колегата што се ми направи мене, а сега неговите блиски од мене бараа јас да не сум го малтретирал него. Којзнае што можеше да се случи да не наидеше едно момче, тоа беше среќна околност за нас, ни го спаси животот со својата појава. А иронијата да биде уште поголема, татко му на колегата вика, ќе му кажел да не ме задева. Здравјето си го изгубив од нервози, откри измамениот кавадарчанец. Тој  се надева дека полицијата и судот ќе го решат случајот најбрзо што може,  рече дека дел од одговорите очекува да ги даде и снимката од видео камерата кај банкоматот,  од кој,  неговиот колега си подигнал туѓи пари. Овој  кавадарчанец упатува апел до сите луѓе да бидат внимателни и да не веруваат секому, за да не ги снајде  тоа што му се случило нему. МИА побара официјална информација од МВР за овој случај. - На 31.05.2021 во 13,00 часот во Полициската станица Кавадарци Т.Т.(52) од Кавадарци пријавил дека во временски период од 14.04. до 20.05.2021 од страна на Р.Т.(25) од Кавадарци му биле злоупотребени личните податоци, на тој начин што знаејќи ги личните податоци на пријавителот ги злоупотребил и во негово име аплицирал во повеќе наврати за добивање на брзи кредити, а истите парични средства со картичката на оштетениот ги подигнал од банкомат при што се стекнал со противправна имотна корист од 65.000 денари. По превземени мерки со Р.Т. бил извршен разговор во полициска станица и по целосното документирање на случајот ќе следи соодветен поднесок, стои во одговорот од МВР. На прашање од МИА, дали има вакви и слични други случаи во овој период во Тиквешки регион, од МВР откриваат и друг случај кога била злоупотребена туѓа банкарска платежна картичка. -На 27.06.2021 во 23,45 часот во Полициската станица Кавадарци Т.Г.(29) од Кавадарци пријавила дека истиот ден од изгубена платежна картица на нејзиниот свекор од страна на непознато лице биле одземени околу 25.000 денари. Оштетената нагласила дека картичката била користена за плаќање во повеќе трафики и продавници во Кавадарци. По превземени мерки од слобода бил лишен Љ.А.(28) од Кавадарци и по целосното документирање на случајот ќе следи соодветен поднесок, додаваат од МВР. свд/дма/

Остани поврзан