Кабинетот на Нетанјаху: Постигнат договор со Хамас во Каиро за ослободување заложници
- Кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху потврди дека денеска во Каиро е постигнат договор со Хамас за ослободување на израелски заложници во сабота.

Тел Авив, 18 февруари 2025 (МИА) - Кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху потврди дека денеска во Каиро е постигнат договор со Хамас за ослободување израелски заложници во сабота.
Од канцеларијата е потврдено дека шест заложници ќе бидат ослободени во сабота, како дел од првата фаза од договорот со палестинската милитантна група Хамас, објави „Тајмс оф Израел“. Како што се наведува во соопштението, ослободувањето на шестмината заложници е резултат на преговорите во Каиро.
„Ако договорот во Каиро биде спроведен, тоа ќе биде важно достигнување за Израел“, рече израелскиот претставник.
Канцеларијата исто така наведе дека во четврток во Израел ќе бидат пренесени телата на четворица израелски заложници, без да се прецизира нивниот идентитет.
Семејствата на заложниците се известени, дознава „Тајмс оф Израел“.
Претставници на Израел и Хамас претходно соопштија дека е постигнат договор палестинската милитантна група да ослободи шест израелски заложници во сабота, а дека во четврток ќе бидат пренесени телата на уште четворица Израелци.
Лидерот на Хамас во Газа, Калил ал-Хаја рече дека меѓу шесте заложници ќе има двајца Израелци, Авеер Менгисту и Хишам ал-Сајед, кои се во притвор повеќе од една деценија. рп/
Фото: МИА архива