• понеделник, 23 декември 2024

ИФО: Падот на германскиот БДП ќе биде 5,2 проценти

ИФО: Падот на германскиот БДП ќе биде 5,2 проценти
Минхен, 22 септември 2020 (МИА) - Падот на германската економија годинава ќе биде помал отколку што се предвидуваше и ќе изнесува 5,2 проценти, според последната прогноза на економскиот институт ИФО. Истражувачите од Институтот со седиште во Минхен предвидоа пад на бруто домашниот производ од 6,7 проценти во 2020 година ова лето. - Падот во вториот квартал беше помал отколку што се плашевме, а сегашното закрепнување е подобро од очекуваното, рече Тимо Волмерхојзер, раководител на одделот за предвидувања во Институтот. Во исто време, ИФО ја ревидираше надолу својата проекција за раст на БДП за следната година на 5,1 процент наместо првично предвидената стапка од 6,4 проценти. За 2022 година предвидува раст од 1,7 проценти. - Степенот на неизвесност во нашите прогнози е огромен, бидејќи никој не знае како ќе се развива пандемијата на коронавирусот, дали ќе има „тврд“ Брегзит и дали ќе се реши ситуацијата со трговските војни, рече Волмерхојзер. Бројот на невработени, според Институтот, ќе се зголеми од просечните 2,3 милиони лани на 2,7 милиони годинава. Следната година ќе се намали на 2,6 милиони, а потоа на 20 милиони невработени во 2022 година. Процентуално, невработеноста годинава ќе се зголеми од 5,0 на 5,9 проценти, следната година ќе се намали малку на 5,7 проценти и во 2022 година ќе се намали на 5,5 проценти. Суфицитот на државниот буџет на Германија од 2019 година, од 52,5 милијарди евра, ќе потоне на минус 170,6 милијарди евра оваа година поради падот на приходите и драстичниот раст на расходите, како резултат на пакетот мерки за финансиска поддршка на економијата. Следната година буџетскиот дефицит ќе изнесува 86,9 милијарди евра. Според проекцијата на Институтот ИФО, германската државна каса ќе остане во дефицит од 68,4 милијарди евра и во 2022 година. Суфицитот на тековната сметка (извоз, увоз, услуги, трансфери) исто така ќе се намали од 244 милијарди евра на 215,4 милијарди годинава, бидејќи извозот ќе падне многу повеќе од увозот. Сепак, овој суфицит повторно ќе се искачи на 276,2 милијарди евра следната година, а во 2022 година ќе достигне 290,1 милијарди евра, проценува ИФО. паг/  

Остани поврзан