• петок, 05 јули 2024

Италијанското Движење Пет ѕвезди доби „пробно“ членство во групата Левица 

Италијанското Движење Пет ѕвезди доби „пробно“ членство во групата Левица 

Брисел, 5 јули 2024 (МИА) - Италијанското лево популистичко Движење Пет ѕвезди (М5С) стана времена членка на групата „Левица во Европскиот парламент“, која обединува левичарски, социјалистички и комунистички партии, а неговото целосно прифаќање во членство ќе зависи од шестмесечен пробен период на „заемно ангажирање“. 

Движењето информира дека станало член на Левицата, со што, како што се наведува во партиското соопштение, е постигната првата политичка цел на партијата да се приклучи на прогресивна група што ги вреднува точките од програмата што ја презентирале за време на јунските Европски избори. 

- Со оглед на кратките рокови поради внатрешните технички ограничувања во Европскиот парламент, взаемно се договоривме со Левицата за шестмесечен реципрочен ангажман за прилагодување на идните предизвици на европската политичка агенда, се додава во соопштението. 

Лидерката на Левицата, француската европратеничка Манон Обри изјави дека одлуката за прием биле донесена откако групата „се погрижила“ M5С да се усогласи со нејзините политички ставови. 

- Среќни сме што го примаме Движењето Пет ѕвезди во нашата група. Левицата е група која го претставува антифашизмот, се бори за правата на работниците, спроведува амбициозни климатски акции и се спротивставува на штедењето. Ја потврдуваме оваа посветеност и со задоволство го правиме тоа со уште поголема група, изјави Обри. 

Според неа, Левицата е „примарна опозиција“ на коалицијата предводена од претседателската на Европската комисија, Урсула фон фер Лејен и служи како бедем против екстремната десница и нивните расистички и сексистички идеи. 

Според извори во Левицата, пробниот рок за прилагодување е договорен како резултат на загриженоста на некои членки на групата поради учеството на М5С во италијанската Влада заедно со екстремно десничарската Лига на Матео Салвини од 2018 до 2019 година, како и поради соработката со националистичката про-Брегзит Партија за независност на Обединетото Кралство на Најџел Фараж во Европскиот парламент во мандатот 2014-2019.  

- Вратата за М5С е отворена, но има јасни политички услови. Имаме неколку прашања за нив за нивната стратегија во Европа и Италија, но главното прашање е дали тие се чувствуваат како дел од историјата на левичарското семејство, изјави Обри, пред да биде донесена одлуката за прием на движењето во групата на „пробен рок“.  

По соработката со партијата на Фараж, 14-те европратеници на М5С во мандатот на Европарламентот од 2019 и 2024 година останаа надвор од парламентарните партиски групи, откако пропаднаа обидите за приклучување на движењето, прво кон Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (СД), а потоа оваа година и кон групацијата на Зелените. 

Пред М5С да ја поднесе кандидатурата за членство во Левицата, се појавија информации дека движењето преговара со германската левичарска националистичка и популистичка Алијанса Зара Вагенкнехт (БСВ) за формирање на нова „алтернативна левичарска групација“ во Европскиот парламент, обид кој заврши неуспешно. 

По објавувањето на веста за приемот во Левицата, лидерот на пратеничката група на М5С во Европарламентот, Пасквале Тридико изјави дека движењето со обврзува во следните пет години да работи со новите колеги на промоција на „социјално посвесна Европа, спротивставувајќи се на сиромаштијата и политиките на штедење“. сп/

Фото: Движење 5 Ѕвезди

Остани поврзан