• вторник, 25 март 2025

Истражување: 74 отсто од граѓаните веруваат дека нивната земја има корист од членството во ЕУ

Истражување: 74 отсто од граѓаните веруваат дека нивната земја има корист од членството во ЕУ

Брисел, 25 март 2025 (МИА) – Истражување на Евробарометар, чии резултати денеска ги објави Европскиот парламент, покажа дека 74 отсто од граѓаните сметаат дека нивната земја има корист од членството во Европската унија, додека 62 отсто од испитаниците би сакале Европскиот парламент да има поважна улога.

Истражувањето, кое ја покрива зимата 2025 година, покажа и дека 66 отсто од граѓаните сакаат ЕУ да игра поголема улога во заштитата од глобални кризи и безбедносни ризици.

Вкупно 36 отсто сметаат дека одбраната и безбедноста се главен политички приоритет, додека 32 отсто од испитаниците велат дека тоа е конкурентноста.

Резултатите покажуваат и дека девет од десет граѓани на ЕУ велат дека земјите-членки на Унијата треба да бидат пообединети за да се соочат со актуелните глобални предизвици.

Инфлацијата, растот на цените и трошоците за живот се врвни приоритети кај сите возрасти, при што овие прашања особено ги загрижуваат жителите на Португалија, Франција, Словачка, Хрватска и Естонија.

Според резултатите од истражувањето, спроведено на барање на Европскиот парламент, третина од испитаниците очекуваат намалување на животниот стандард во следните пет години, а најмногу Французите и Германците.

Во однос на вредностите што Европејците би сакале да ги брани Европскиот парламент, тоа се мир за 45 отсто од испитаниците, демократија за 32 отсто и заштита на човековите права во ЕУ и во светот за 22 отсто.

Зимското истражување на Европскиот парламент беше спроведено од 9 јануари до 4 февруари 2025 година во сите 27 земји-членки на примерок од 26.354 луѓе. јт/

Фото: МИА архива

Остани поврзан