• среда, 25 декември 2024

Истражување: Романците ќе трошат повеќе за празниците, но само поради инфлацијата

Истражување: Романците ќе трошат повеќе за празниците, но само поради инфлацијата

Букурешт, 25 декември 2024 (МИА) - Според истражувањето на „Ривијл Маркетинг Рисрч“, Романците ќе потрошат 13 отсто повеќе за зимските празници оваа година, но порастот главно ја одразува инфлацијата, а не зголемена потрошувачка. Просечниот буџет за празниците е проценет на 1340 леи (околу 270 евра), во споредба со минатогодишните 1188 леи (околу 240 евра).

Истражувањето покажа дека Романците проценуваат дека нивниот буџет за празниците оваа година ќе биде сличен (53 отсто) или помал (34 отсто) од минатата година. Жените, за разлика од мажите, имаат повнимателен пристап, зборувајќи за помал буџет од минатата година (37 отсто наспроти 31 отсто кај мажите). Само 12 проценти велат дека нивниот буџет ќе биде поголем, со значително повеќе такви испитаници во возрасната група од 44 до 55 години (25 проценти).

Во однос на расчленувањето на трошоците, 33 отсто од буџетот за празниците ќе се троши за храна и пијалоци, 25 отсто за подароци, а 10 отсто за украсување и празнична атмосфера. Дополнително, 13 отсто од овогодинешниот буџет се издвоени за непредвидени работи.

„Како и минатогодишните зимски празници, повеќе од половина од Романците (61 отсто) велат дека ќе го намалат украсувањето и празничната атмосфера, додека 47 отсто имаат намера да потрошат помалку пари за подароци, додека 36 отсто ќе ја намалат потрошувачката на храна и пијалоци“, покажува истражувањето.

Најпосакувани божиќни подароци годинава се производите за убавина (23 отсто), облека (20 отсто) и покуќнина (14 отсто).

Размената на подароци е важна божиќна традиција и повеќето Романци (31 процент) не се многу пребирливи, велејќи дека не е важно какви подароци добиваат. Производите за убавина се најпопуларни подароци (23 проценти), особено кај младите од 18-34 години (37 проценти), а облеката (20 проценти) и подароците за дома (14 проценти) ја заокружуваат листата на омилени подароци.

Анкетата беше спроведена онлајн од 6 до 12 декември 2024 година, меѓу репрезентативен примерок на лица постари од 18 години меѓу корисниците на Интернет во градовите и селата. Големината на примерокот е 1.017 луѓе, а максималната статистичка грешка е +/-3,1 отсто. ссм/

фото: visitbucharest.today

Остани поврзан