• петок, 22 ноември 2024

Истражување: Пораст на социјализацијата, ниска свест за волонтерство, за граѓаните државата е најодговорна за општествените проблеми

Истражување: Пораст на социјализацијата, ниска свест за волонтерство, за граѓаните државата е најодговорна за општествените проблеми
Скопје, 31 октомври 2022 (МИА) - Граѓаните во земјава се повеќе се социјализираат, најчесто со своето потесно и/или пошироко семејство (66.6 проценти), пријателите (54,9 отсто), а помалку со колегите од работа (30,4 проценти). Забележан е пораст и на бројот на оние кои посетуваат верски храмови (29,9 отсто). На социјализацијата влијаат возраста, финансиските средства и образованието. Помладите, оние со повисоки примања и оние со завршено вишо или високо образование почесто се дружат со пријателите, колегите и повеќе време издвојуваат за спортски или рекреативни активности, покажуваат податоците од истражувањето „Општествена одговорност на граѓаните“ на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС). - Се забележува значителен пад во учеството на граѓаните во непартиски активности во споредба со истражувањето пред 11 години, односно во 2010 година. Вкупно 15,0 проценти рекле дека се вклучуваат во потпишување петиција во споредба со 25,7 отсто во 2010 година. Околу 14 проценти учествувале на мирен протест за разлика од 36,6 отсто кои го направиле тоа пред 11 години. Најактивни во непартиски активности, според податоците се граѓаните на возраст од 30 до 49 години, а лицата со повисоко образование се повеќе вклучени во непартиски активности. - Зголемен е бројот на граѓани кои членуваат во која било форма на здружување во однос на 2010 година. Црквите и верските организации се најпривлечни за граѓаните односно 43,6 проценти од нив се нивни активни или неактивни членови. Пред 11 години, црквите и верските заедници биле трети според бројот на граѓани кои членуваат во нив (30,7 отсто), а сега бележат најголемо членство, покажува истражувањето. На второ место се рангирани политичките партии со 39,1 проценти, а пред 11 години биле прворангирани со 37,5 отсто. Бројот на активни членови во политичките партии пораснал за 4,2 пп, додека бројот на неактивни членови се намалил за 2,6 пп. Покрај црквите, пораст се забележува и кај граѓанските организации за што вкупно 36,8 проценти од граѓаните се изјасниле дека членуваат во граѓанска организација. Возраста, образованието и класната определба влијаат врз членувањето во граѓански организации. Младата популација со повисоко образование која припаѓа на средните класи најмногу членува во граѓанските организации, a можноста за вработување е најголем мотив за членство и вклученост во работата на граѓанските организации. Во истражувањето се забележува значителен пад и во доброволните акции, само 7,6 проценти од граѓаните изјавиле дека во последните 12 месеци учествувале во доброволни акции, додека во 2010 година овој процент изнесувал 21,9. - Ниската свест за волонтерски ангажман се гледа и од мислењето на голем дел од испитаниците дека немало волонтерски активности во заедницата во последната година, што упатува на ниска самоиницијативност на граѓаните и зависност од мобилизација, се вели во истражувањето. Исто така, се забележува голем пад на дарување во добротворни цели во последните 12 месеци во споредба со истражувањето спроведено пред 11 години. Во 2021 година 27,0 проценти од граѓаните дарувале во добротворни цели, додека во 2010 овој процент изнесувал 65,2 отсто. - Охрабрувачки е високиот процент на граѓани кои иако не дарувале спремни се да го направат тоа. Граѓаните најмногу дарувале за хуманитарни цели, велат од МЦМС. За мнозинството граѓани или 57,5 проценти, државата е најодговорна за решавањето на општествените потреби. - За 11 години, оваа бројка пораснала за седум процентни поени. Од друга страна, во истиот период за околу 10 пп (од 33,4 проценти на 23,2 отсто) паднал бројот на оние кои сметаат дека одговорноста треба да биде заедничка. - Со истражувањето е проверуван и јавниот дух на граѓаните преку оценка на степенот на оправданост на неколку генерално општествено неоправдани активности. За речиси 21 пп се зголемил бројот на граѓани за кои е неоправдано да се плаќа во готово за услуги за да се избегнат даноци и сега изнесува 83,4 проценти, за разлика од 2010 година кога бил 62,6 отсто, велат од МЦМС. За 93,4 проценти од граѓаните мамењето на за данок, доколку постои шанса е неприфатливо. Од друга страна, пак, за нијанса е намалена одговорноста на граѓаните за самите себе (возење под дејство на алкохол) и околината (фрлање ѓубре на места кои не се определени за тоа). Од МЦМС додаваат дека чувството за одговорност на граѓаните за влијание, учество и решавање на општествените проблеми е битна компонента за развој на граѓанското општество, но и општеството во целина. „Граѓанското општество без граѓани кои ќе учествуваат во него не може да ја исполни својата мисија. Тоа е вкоренето и влијателно граѓанско општество што е една од долгорочните цел на МЦМС. Ваквото граѓанско општество се заснова на активни граѓани или општествено одговорни граѓани, како чинители во општеството. Од овие причини, МЦМС го истражува граѓанското општество, а особено довербата и општествената одговорност на граѓаните“, се вели во истражувањето. МЦМС за прв пат ја истражуваше општествената одговорност во 2006 година, заедно со довербата, додека во 2007, 2009, 2010 и 2021 година се направени посебни истражувања. ки/са/  

Остани поврзан