Истрага против лице за закана со подметната бомба во авион на Скопскиот аеродром, предложен притвор
- Осомничениот на 16. овој месец во раните утрински часови, преку телефонската линија за итни случаи 192, со умисла упатил сериозна закана за подметната бомба во воздухоплов на Меѓународен аеродром - Скопје, на летот Скопје - Анталија.
Скопје, 21 август 2025 (МИА) - Постапувајќи по кривичната пријава, поднесена од МВР, обвинител од ОЈО - ГОКК донесе наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомневање дека сторило кривично дело „тероризам“, информираат денеска од Јавното обвинителство, додавајќи дека предложен е и притвор.
- Осомничениот на 16. овој месец во раните утрински часови, преку телефонската линија за итни случаи 192, со умисла упатил сериозна закана за подметната бомба во воздухоплов на Меѓународен аеродром - Скопје, на летот Скопје - Анталија. Веднаш по приемот на заканата, од страна на Секторот за борба против тероризам, насилен екстремизам и радикализам, активирани биле протоколите за антитерористичка проверка и по неколкучасовна проверка, утврдено е дека станува збор за лажна пријава. Осомничениот со својата постапка создал чувство на страв и несигурност кај патниците и другите присутни на аеродромот, а воедно со активирање на протоколите за антитерористичка проверка го пореметил и севкупниот воздушен сообраќај, потенцираат од Обвинителството.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд - Скопје, како што додаваат, достави предлог за определување мерка притвор против осомничениот, образложувајќи ги околностите што го оправдуваат предлогот и упатуваат на тоа дека во конкретниот случај, целта на притворот не би можела да се оствари со некоја друга мерка за обезбедување присуство на осомничениот. бд/са/
Фото: МИА архива