• петок, 08 ноември 2024

Истече рокот до кој „Архиродон“ требаше да одлучи дали ќе ја гради ПАХЕ „Чебрен“

Истече рокот до кој „Архиродон“ требаше да одлучи дали ќе ја гради ПАХЕ „Чебрен“

Скопје, 2 јануари 2024 (МИА) – Истече рокот до кој грчката компанија „Архиродон“ требаше да донесе одлука дали ќе ја продолжи постапката за изградба на реверзибилната хидроцентрала ПАХЕ „Чебрен“ или не. ППЦ-Архиродон на 14 септември 2023 година беше избран за најповолен понудувач на 14. тендер за изградба на реверзибилната хидроцентрала. Подоцна имаше забелешки на јавниот повик и до крајот на 2023 година требаше да одлучи дали ќе продолжи со проектот. 

Првично одлуката требаше да ја донесе до 14 декември, но Министерството за животна средина и просторно планирање го продолжи рокот до 31 декември 2023 година заради жалбената постапка која беше во тек.

-Од грчката компанија Архиродон се жалеа на содржината на одлуката, бидејќи согласно Законот за води, прво мора да добиете дозвола за води, а потоа да се потпише договор за концесија. Тие сметаат дека треба прво да се потпише договор за концесија, а потоа постапката да продолжи понатаму, појасни неодамна ресорната министерка Каја Шукова. 

Во случајов, додаде, Законот за води е „легс специјалис“ во однос на Законот за јавни набавки и Законот за концесии. 

-Ние ќе се држиме на она што го регулираат нашите закони и ќе биде информирана компанијата. Нивната банкарска гаранција од 1,4 милиони евра е до крајот на 2023 година и ако ја продолжат ќе значи дека ќе продолжи процесот, ако не се продолжи банкарската гаранција, автоматски ќе се прекине процесот, истакна Шукова.

И премиерот Димитар Ковачевски неодамна порача дека на грчката компанија Архиродон, која е добитникот на тендерот за изградба на хидроцентралата Чебрен, е да одлучи дали ќе продолжи во постапката или не.

Владата на 14 септември на 185-тата седница донесе одлука со која се овозможи реализација на хидроцентралата Чебрен, со проценетата вредност на инвестицијата од околу една милијарда евра. Со одлуката е предвидена изградба на реверзибилна хидроцентрала со инсталиран капацитет од најмалку 333 мегавати. Предвидено е Чебрен да има функција на производство на електрична енергија, како и режим на пумпање и враќање на водата назад со што на Црна Река е предвидено создавање на ново вештачко езеро. По завршување на проектирањето, и обезбедувањето на потребните документи се очекува да се почне со градба која е предвидена да трае седум години.

Според Извештајот на Комисијата за спроведување на постапката за доделување на предметната концесија, понудувачот ППЦ-Архиродон е избрана за најповолна, со оглед на тоа што понудувачот ги исполнил условите содржани во јавниот повик и тендерската документација и доставил најповолна понуда.

-Според донесената Одлука, избраниот понудувач има обврска во рок од три месеци да го склучи Договорот за заедничко вложување и да основаат акционерско друштво со АД ЕСМ, во кое што АД ЕСМ учествува со 33 отсто од акционерскиот капитал. Регистрираното друштво е должно во согласност со одредбите на Законот за водите, а пред потпишување на договорот за концесија, да обезбеди дозвола за користење на водата, посочија тогаш од Владата.

Според тендерот, обврска на инвеститорот е целосно да ја финансира и реализира изградбата на ПАХЕ „Чебрен“ и „Орлов камен“, додека АД ЕСМ како партнер со задолжение од Владата ќе учествува со изградба на пристапен пат, изградба на приклучок на мрежа, експропријација на земјиште и студија за животна средина, како и со вложување на ХЕЦ „Тиквеш“ во заедничката компанија.

Градежните работи требаше да почнат по завршување на проектирањето и обезбедувањето на потребните документи, а предвидено беше изградбата да трае седум години, а концесијата за води е со рок од 60 години.

Идејата и проектирањето за големиот хидроенергетскиот проект Чебрен започнува со првите физибилити студии во 60-тите години од минатиот век. Досега имало 13 неуспешни тендери во период од последните 20 години, а последниот јавен повик, пред тековниот, е објавен во 2016 година. вј/бак/

Фото: МИА архива

Остани поврзан