• петок, 22 ноември 2024

Истекува рокот за пријавување на повикот за учесници на Школата за политики за 2023 година при Претседателскиот центар за политичко образование

Истекува рокот за пријавување на повикот за учесници на Школата за политики за 2023 година при Претседателскиот центар за политичко образование

Скопје, 20 февруари 2023 (МИА) - До 22 февруари 2023 година е отворен повикот за аплицирање на Школата за политики при Претседателскиот центар за политичко образование, информира кабинетот на претседателот Стево Пендаровски.

Школата за политики за 2023 година, како што велат оттаму, ќе биде организирана во духот на демократските политички вредности, промоцијата и заштитата на човековите права и слободи, политичкиот плурализам, меѓусебната толеранција, заедништвото и солидарноста.

-Во таа насока, Школата ќе настојува да ги поврзе учесниците со различно професионално искуство, кои имаат желба со своите знаења и вештини да придонесат за позитивен развој на општеството, во рамки на пет едукативни семинари со еминентни предавачи и обучувачи од државата и од странство. Учесниците на школата ќе можат да ги унапредат своите знаења на темите демократија, одржлив развој, евроинтеграции и комуникации, притоа разбирајќи го процесот на креирање политики, да следат предавања и интерактивни работилници од врвни домашни и меѓународни експерти, да работат индивидуално и во групи со истакнати поединци - нивни врсници од општествениот и политичкиот живот во државата, да ги зајакнат своите комуникациски, лидерски и меки вештини, да имаат пристап до актуелна литература на темите и да следат општествени дебати на истите, како и да остварат значајни контакти и да се вмрежат со експерти од областите кои ги опфаќа Школата, се вели во соопштението од кабинетот на претседателот.

Школата ќе се одржи во периодот од март до ноември 2023 година, за време на викендите. Присуството на сите пет едукативни семинари е задолжително. Учесниците кои ќе ја завршат Школата ќе се стекнат со сертификат.

За да се пријават за учество на Школата заинтересираните треба да се на возраст од 21 ‒ 35 години, да се македонски државјани, да имаат работно познавање на англиски јазик,а познавање на друг странски јазик ќе се смета за предност, да имаат истакнато учество во општествениот и/или политичкиот и/или економскиот живот во државата, поттикнувајќи позитивни промени, да имаат солидни познавања на општествената терминологија, додека пак работното искуство ќе се смета за предност.

Потребни документи за апликација се  пријава , биографија во облик на Europass CV, две препораки од професори/работодавачи/ соработници, релевантни за тематиката на Школата, есеј на англиски јазик на зададена тема по избор: 1. „Мојот придонес за позитивни промени во нашата држава“ или 2. „Мојата визија за демократскиот развој на Северна Македонија“. Селектираните кандидати може да бидат повикани на усно интервју, кое би се одржало во живо или онлајн.

Како услов за учество на Школата за политики за 2023 година, избраните кандидати за учесници на Школата ќе потпишат изјава за задолжително присуство на сите последователни едукативни семинари, согласно Годишната програма за работа на Претседателскиот центар за политичко образование за 2023 година. сст/нд/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан