• петок, 05 декември 2025

Исени: Преку континуирана дигитализација на административните процеси до модернизација на системите за контрола и надзор

Исени: Преку континуирана дигитализација на административните процеси до модернизација на системите за контрола и надзор

Скопје, 14 октомври 2025 (МИА) - Заменикот министер за внатрешни работи Астрит Исени денеска учествуваше на 23. Регионален состанок на Мрежата на експерти за огнено оружје од Југоисточна Европа (SEEFEN) во организација на Клириншката куќа за контрола на мало и лесно оружје во Југоисточна и Источна Европа (SEESAC).

Како што се наведува во соопштението од МВР, во своето воведно обраќање Исени се осврнал на Патоказот за одржливо решение за Западен Балкан 2025–2030 година, нагласувајќи го како стратешки документ од особена важност за унапредување на регионалната безбедност и усогласување со европските стандарди.

-Во оваа насока, Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија активно презема мерки за исполнување на поставените цели, пред сè преку континуирана дигитализација на административните процеси и модернизација на системите за контрола и надзор. Изминатиот период, Министерството започна со воведување електронско поднесување на барања за издавање одобренија за оружје и дигитално управување со постапките, што придонесе за зголемена транспарентност, стандардизација и ефикасност на процедурите, истакнал заменик министерот Исени.

Како пример за успешна примена на нови технологии, Исени ја посочил употребата на дронови, како дел од техничката поддршка обезбедена преку SEESAC, кои значително придонесуваат за поефикасна гранична контрола, но и побрзо и поточно делување на терен, особено при откривање и спречување на нелегална трговија со оружје. дма/вј/

Фото: МВР

 


 
 

Остани поврзан